Заев, Вучиќ и Рама: Трите договори од Тирана ги поврзуваат нашите граѓани, го окрупнуваат нашиот пазар и ги поврзуваат економиите во регионот според најдобрите европски вредности

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев учествуваше на заедничката прес-конференција со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Република Албанија, Еди Рама на која информираа за резултатите од Самитот „Отворен Балкан“.

Во Тирана денеска се потпишани како трилатерални, меѓу владите на Република Албанија,  Република Србија и Република Северна Македонија, Договорот за условите за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан, Договорот за интерконекција за шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан, и Договорот за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика.
 
Со овие договори, истакна на прес-конференцијата премиерот Заев, им овозможуваме на граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија пристап до електронските услуги на националните портали на трите земји преку креирање електронска идентификација „Отворен Балкан” со што започнува остварувањето на можноста за олеснет и непречен пристап до пазарот на труд во трите земји.
 
„Веднаш штом договорите бидат ратификувани во парламентите на Северна Македонија, Албанија и Србија, граѓаните од трите земји ќе се стекнат со можност слободно да се движат и да работат во секоја од нив. На овој начин ги поврзуваме нашите човечки ресурси, го окрупнуваме нашиот пазар, ги поврзуваме економиите, стануваме поконкурентни, посилни и уште повеќе подготвени за натамошен развој. Се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера нашите народи час поскоро да осетат директни, економски придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме. Придобивките многу скоро ќе ги почувствуваат илјадници семејства во регионот“, нагласи претседателот на Владата на Северна Македонија Заев.
 
Тој додаде дека со овие договори се прават крупни чекори за европеизација на нашиот заеднички регион затоа што најдобрите европски практики ги применуваме дома, бидејќи регионот е Европа.
 
Заев потенцираше дека „Отворен Балкан“ се издига на европските идеи и вредности кои се секогаш поголеми и попривлечни од европската администрација и во тоа име оваа иницијатива e силен придонес кон големите идеи и вредности на Европската Унија, придонес кој регионот не го носи на ниту едно друго место, туку единствено поблиску до самата Унија.
 
„Кога ЕУ потфрла, ние имаме обврска постојано и постојано да преземаме иницијативи кои го европеизираат регионот и кои носат подобар, европски живот за нашите народи. Се разбира, сите три земји остануваат посветени на своите одделни агенди и обврски за пристапување во членство во Европската Унија“, рече Заев на прес-конференцијата.
 
Премиерот Заев ја истакна поддршката на САД и на ЕУ за оваа иницијатива и подвлече дека оваа поддршка потврдува дека спроведуваме одржлив процес за заеднички економско-политички простор на Западен Балкан со конкретни придобивки за сите наши граѓани.
 
Заев додаде дека „Отворен Балкан“ е процес од кој нема враќање и дека во силните потенцијали на иницијативата остануваат идеите што веќе ги разговаравме и кои треба да бидат дел од следната фаза на нова, значајна соработка, и нагласи дека наредните конкретни чекори се очекуваат во соработката во туризмот, во винската индустрија и во соработката во сферата на културата, младите и спортот.
 
Во пораката до Вучиќ и Рама на прес-конференцијата Заев истакна дека „Отворен Балкан“ треба и понатаму да се негува и развива и дека потенцираше дека, како негов наследник Димитар Ковачевски, подеднакво силно ќе биде посветен на овој процес и дека ќе даде свој личен значаен придонес.
 
Во своето обраќање премиерот на Албанија Еди Рама нагласи дека договорите потпишани во Тирана одат во насока на изедначување со принципите на пазарите на ЕУ и за регионот претставуваат чекор напред во хармонизирање со регулативите и практичните придобивки за бизнис заедниците и граѓаните.
 
Тој додаде дека „Отворен Балкан“ генерира резултати и го испорачува она што го предвидуваше Берлинскиот процес и дека останува инклузивен процес за останатите три земји од Западен Балкан кој ги повикува да се приклучат.
 
Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ потенцираше дека најважно е што договорите од Тирана се од директна придобивка на граѓаните на Албанија, Србија и Северна Македонија, и изрази благодарност до премиерот Заев за неговиот придонес оваа иницијатива не само да се одржа, туку ги дава и првите конкретни резултати и којашто го менува лицето на регионот.


Во продолжение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:

„Сите ни сме како дома во Тирана, Белград или во Скопје.

Во последните денови од мојот ангажман како премиер на Северна Македонија, огромни се честа и задоволството уште еднаш директно да учествувам и да придонесам во остварувањето на благородната мисија на иницијативата „Отворен Балкан”.

Уште на почетокот на оваа инцијатива, јас и моите колеги, другари и браќа, Александар Вучиќ и Еди Рама, нагласивме дека „Отворен Балкан“ е автентичен, заеднички процес инициран од Северна Македонија, Албанија и Србија, но создаден за добробитот на целиот регион, отворен за сите земји од регионот.

Сите останати земји од регионот имаат отворена, јавна, директна и недвосмислена покана да се придружат. Ги охрабруваме сите од Западен Балкан заедно да придонесеме овој наш заеднички простор, да стане поврзан и пред се економски развиен, без пречки, без ограничувања, слободен, прилагоден целосно на потребите на нашите народи. Повикуваме на придонес кон големата идеја Западен Балкан да стане „Отворен Балкан” кој носи конкретни придобивки за сите наши граѓани, да направиме да стане важен, реален дел од секојдневниот живот на нашите граѓани преку единствениот пазар.
И еве денеска пред граѓаните на нашите земји, пред граѓаните на целиот регион, презентираме конкретни чекори: Ги потпишавме Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан и Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан.

Со овие договори им овозможуваме на граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија пристап до електронските услуги на националните портали на трите земји преку креирање електронска идентификација “Отворен Балкан” со што започнува остварувањето на можноста за олеснет и непречен пристап до пазарот на труд во трите земји.

Веднаш штом договорите бидат ратификувани во парламентите на Северна Македонија, Албанија и Србија, граѓаните од трите земји ќе се стекнат со можност слободно да се движат и да работат во секоја од нив.

На овој начин ги поврзуваме нашите човечки ресурси, го окрупнуваме нашиот пазар, ги поврзуваме економиите, стануваме поконкурентни, посилни и уште повеќе подготвени за натамошен развој. Се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера нашите народи час поскоро да осетат директни, економски придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме. Придобивките многу скоро ќе ги почувствуваат илјадници семејства во регионот.

Правиме крупни чекори за европеизација на нашиот заеднички регион. Најдобрите европски практики ги применуваме дома, бидејќи - НИЕ СМЕ ЕВРОПА. 

Кога со претседателот Вучиќ и со премиерот Рама ја создававме визијата за „Отворен Балкан“ се согласивме да не дозволиме да надвладее евроскептицизам во нашите земји поради неуспехот на одредени политики на Европската Унија. Европските идеи и вредности секогаш ќе бидат поголеми и попривлечни од европската администрација. Во тоа име, „Отворен Балкан” e силен придонес кон големите идеи и вредности на Европската Унија, придонес кој регионот не го носи на ниту едно друго место, туку единствено поблиску до самата Унија. Кога ЕУ потфрла, ние имаме обврска постојано и постојано да преземаме иницијативи кои го европеизираат регионот и кои носат подобар, европски живот за нашите народи. 
Брисел може и да одлучи да го забави проширувањето, но европеизацијата и европските стандарди во Северна Македонија, Србија и Албанија нема зошто да чекаат или да бидат забавувани.

Договорите за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан по примерот на ЕУ се конкретни чекори на прифаќање на вредностите и спроведување на практиките од Европската Унија.

Остваруваме нешто што е вообичаена и нормална пракса во ЕУ врз основа на заедничкиот  договор на нејзините земји членки. И секако, по кој знае кој пат, потенцираме - „Отворен Балкан“ не е замена за ЕУ туку засилувач на европската идеја на Балканот. „Отворен Балкан” е Европа и ништо помалку од тоа. 

Се разбира, сите три земји остануваат посветени на своите одделни агенди и обврски за пристапување во членство во Европската Унија.

„Отворен Балкан“, како ново и силно регионално поврзување, доби силна и едногласна поддршка  од деловните заедници односно од стопанските комори на нашите три земји. Тие се согласија дека „Отворен Балкан“ е платформата која му е потребна на регионот.

Јас сум благодарен на Соединетите Американски Држави како и на лидерите на земјите членки на ЕУ и на највисоките претставници на ЕУ за нивната поддршка.
Оваа поддршка ни потврдува дека спроведуваме одржлив процес за заеднички економско-политички простор на Западен Балкан со конкретни придобивки за сите наши граѓани. 

Дозволете во завршницата на ова мое јавно обраќање, веројатно и последно од оваа моја функција, да им се заблагодарам на претседателот Вучиќ и на премиерот Рама за споделената заедничка верба во визијата и потребата од „Отворен Балкан“. 
„Отворен Балкан“ е процес од кој нема враќање. Нема ниту една причина да го напуштиме патот кој води кон исклучително блиска соработка во регионот. 

Нема зошто да отфрлиме пат кој води кон бришење на границите како административни бариери и кој ќе ни ги овозможи четирите слободи за движење на луѓето, стоките, услугите и капиталот.

Во силните потенцијали на „Отворен Балкан“ остануваат идеите што веќе ги разговаравме и кои треба да бидат дел од следната фаза на нова, значајна соработка.
Во туризмот, да воспостават комуникација министрите и директорите на агенциите за туризам од трите држави за да утврдат заедничка понуда кон светските пазари, што ќе го промовира „Отворен Балкан” како атрактивна дестинација. Имаме многу што да му понудиме на современиот турист.

Докажавме дека овој регион ги има некои од најубавите вина во регионот. На самитите на „Отворен Балкан“ производителите на вино се вмрежија во неколку различни иницијативи, но сега е време да им помогнеме да заживее идејата за регионален на вински туризам преку поуспешно преставување на светските саеми за вино и соработка за унапредување на индустријата. Веќе во мај 2022 ќе го имаме и првиот вински саем за поголема афирмација на виното.

Зборувавме и ги препознавме потенцијалите за соработка меѓу трите земји во филмската продукција. Следниот чекор во оваа насока треба да биде утврдување буџет од трите држави за основање заеднички фонд на кој ќе аплицираат копродукции иницирани од трите земји.

И, секако на крајот, затоа што е посебно важно – соработката меѓу нашите млади. 

Да направиме сè што е потребно да се интензивираат контактите, познанствата, размените и заедничките иницијативи меѓу младите од нашите држави преку организација на настани. Од заеднички летувања, преку спортски турнири и културни настани до научно - истражувачки хабови, за што секако е неопходен иницијален буџет од трите држави за кои што сме спремни да го поддржиме.
Нашите народи, македонскиот народ, албанскиот народ и српскиот народ, како и народите на другите земји од регионот, пред себе имаат ист пат. Имаме иста визија и исти вредности. Тоа се европските вредности. Одиме по истиот пат, заедно, напред, поврзани.

Драг Еди, драг Александар, 

„Отворен Балкан“ не само што нè зближи како лидери на три соседни земји, туку за мене има и лична вредност, а тоа е огромното пријателство со вас двајцата. Чувајте го и развивајте го „Отворен Балкан“, а денеска сите видоа дека и мојот наследник, Димитар Ковачевски, подеднакво исто ќе биде посветен на овој процес, и лично верувам дека неговиот придонес големо освежување за овој процес“.