На Меѓународниот аеродром Скопје денеска пристигна група од 67 граѓани на Авганистан, вработени во организациите Национален демократски институт (NDI) и Националната фондација за демократија (NED) и членови на нивните семејства.
Продолжувајќи ја својата активна улога на солидарна земја, Северна Македонија им обезбеди привремен престој до заминување во трета држава. Ова е дел од меѓународната операција за помош на демократското авганистанско население кое е во опасност од талибанските власти.
По слетувањето беше спроведена стандардната процедура со безбедносна проверка и заштита и ПЦР тест.
Цивилите ќе бидат привремено сместени во Скопје, а трошоците во целост се покриени од меѓународните организации.
Во Северна Македонија во моментов престојуваат 579 авганистански граѓани на кои институциите им ја пружаат потребната поддршка и помош. Од земјава до сега заминаа 141 цивил на кои траен престој им обезбедија повеќе држави низ светот.