Владата на Република Северна Македонија на денешната четврта седница донесе Одлука за обезбедување дополнителни количини топлинска енергија во услови на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија.
Со оваа одлука дополнителните количини на топлинска енергија ќе се обезбедат од домашно производство со склучување договори за уредување на меѓусебните односи помеѓу вршителите на енергетските дејности на пазарите на енергија и тоа договори за деловна техничка соработка помеѓу Акционерско друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија во државна сопственост, Скопје, Друштво за производство на топлинска енергија Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје, Друштво за дистрибуција на топлинска енергија Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје, Друштво за снабдување со топлинска енергија Снабдување со топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје и Скопје Север АД Скопје, заради обезбедување на сигурност во снабдувањето со топлинска енергија.
Финансиските средства потребни за реализација на обврските од преземањето на мерката од оваа одлука на Електрани на Северна Македонија се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година.
Оваа седница Владата го одобри текстот на Договор за деловно – техничка соработка со кој се регулираат меѓусебните права на Производство на топлина Балкан Енерџи (БЕГ) и Електрани на Северна Македонија (АД ЕСМ).
Согласно овој договор БЕГ ќе го стави на увид на АД ЕСМ целокупното свое деловно работење до денот на склучување на овој договор, а од денот на склучување на овој Договор ќе му даде согласност на АД ЕСМ да управува со сите деловни активности на БЕГ, со сите трансакциски сметки, како и со наменската сметка која што БЕГ ќе ја отвори исклучиво за потребите на овој Договор за деловно техничка соработка.
На денешната седница Владата ја донесе и Одлуката за одобрување финансиски средства за справување со кризната состојба во снабдување со електрична енергија, со која се одобруваат финансиски средства во износ од 615 милиони денари на АД Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје.
Овие средства АД Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје, ќе ги користи исклучиво за реализација на мерките за обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија за зголемување на производството на електрична енергија и за обезбедување мазут и други потребни средства и услови за продолжување со производството на електрична енергија од страна на ТЕЦ Неготино, заради справување со кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија.
Владата на оваа своја четврта седница го донесе Решението за назначување на ко-претседавачи и членови во Заедничките меѓувладини работни групи за продлабочување на билатералната соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, што како заклучок беше произлезен од состаноците за време на официјалната посета на делегацијата на Владата на Република Бугарија на нашата земја.
За ко-претседавачи во Заедничката меѓувладина работна група за економија, трговија и иновации се назначени Фатмир Битиќи, заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските политики и инвестиции, а за членови се определени Фатмир Бесими, министер за финансии, Крешник Бектеши, министер за економија, а членови на комисијата треба да назначат и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за надворешни работи, Фонд за иновации и развој, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Агенција за промоција на туризмот, како и Министерството за економија за делот на енергетиката.
За ко-претседавачи во Заедничката меѓувладина работна група за инфраструктура, транспорт и поврзување се назначени Благој Бочварски, министер за транспорт и врски, Горан Милевски, министер за локална самоуправа, Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација, а за членови треба да бидат назначени уште претставници на Кабинетот на заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските политики и инвестиции, на Министерството за финансии, на Министерството за економија, и на Министерството за надворешни работи.
Со заедничката меѓувладина работна група за европска интеграција и зелени политики за копретседавачи се назначуваат Бојан Маричиќ, заменик на претседателот на Владата за европски прашања, Славица Грковска, заменик на претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, и Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање – ко-претседавач, а членови во оваа работна група треба да назначат и Министерството за надворешни работи, Министерството за финансии и Министерството за правда.
За ко-претседавачи на заедничката меѓувладина работна група за култура, наука и образование се назначува Артан Груби, прв потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Бисера Костадиновска-Стојчевска, министер за култура, и Јетон Шаќири, министер за образование и наука – ко-претседавач. За членови во групата треба да бидат назначени и претставници на Министерството за економија, Министерството за надворешни работи, Агенција за промоција и поддршка на туризмот, од Агенцијата за млади и спорт – член.
Дополнително ќе се назначат и ко-претседавачи и членови за работната група којашто треба да се состои од претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика.
Владата денеска за државен секретар на Министерството за внатрешни работи ја именуваше Магдалена Несторовска, која што и досега ја извршуваше оваа должност, а Сашо Тасевски, за директор на Бирото за јавна безбедност при МВР, кој, исто така и досега беше на оваа должност.
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензии за месец јануари 2022 година и го задолжи Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 25.01.2022 година.
Деловните банки ќе обезбедат пензионерите да може да располагаат со јануарските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 26.01.2022 година, а готовинската исплата на пензии за клиентите кои не користат картички ќе се изврши во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата:
- За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 26.01.2022 година (среда);
- За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 27.01.2022 година (четврток);
- За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 28.01.2022 година (петок); и
- За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 31.01.2022 година (понеделник).