Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска имаше средба со Росана Дуџак, постојана координаторка на Обединетите Нации (ОН) во Северна Македонија.
На средбата Дуџак му го честиташе на премиерот Ковачевски изборот за Претседател на Владата на Република Северна Македонија и истакна дека поддршката од ОН останува како континуитет во спроведување на планираните реформи во земјата и на евроинтегративниот процес.
Премиерот Ковачевски изрази искрена благодарност за ангажманот на ОН со програмите на различните агенции на организацијата особено во континуираните иницијативи на полето на економијата, социјалната инклузија, родовата еднаквост, јакнењето на институциите, грижата за животната средина.
На средбата премиерот Ковачевски ја информираше постојаната координаторка на ОН за програмските приоритети на Владата како што се интензивирање на евроинтегративните процеси, новиот план за економски развој со пораст на бруто домашниот производ со цел зголемување на животниот стандард на граѓаните, борба против криминалот и корупцијата, подобрување на ефикасноста и транспарентноста во работењето на судството, подобро владеење на правото и енергетска транзиција во правец на користење зелена енергија.
Премиерот Ковачевски истакна дека главните активности на Владата уште во првите денови се насочени кон справување со енергетската криза, како и во правец на подобрување на животниот стандард на граѓаните преку зголемување на пензиите и минималната плата.
Во текот на разговорот постојаната претставничка на Обединетите нации Дуџак, ги истакна позитивните иницијативи кои досега се преземени во повеќе области и ја издвои зелената енергетска транзиција на земјата, за која од развојната програма на УНДП се издвоени 7,8 милиони долари како грант за нашата земја.
Премиерот Ковачевски нагласи дека поддршката на ОН, преку програмите на УНДП ги потврдува определбите на Владата зелената енергетска транзиција да биде во врвот на нејзините приоритети и дека се создаваат дополнителни услови за енергетски проекти од обновливи извори.