Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски присуствуваше на Комеморативната вечер по повод 79 годишнината од депортацијата на Евреите од Скопје, Битола и Штип во логорите на смртта во Германија за време на Втората светска војна.
На настанот, на кој се обратија претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, претседател на Еврејска Заедница Пепо Леви, амбасадорката Израел Симоне Франкел, амбасадорката на Соединетите Американски Држави Кејт Брнз, и Рабин Ендру Бејкер, директор за меѓународни еврејски односи во Американско-Еврејскиот Комитет и претседавач на Меѓународниот советодавен одбор на Фондот на Холокаустот на Евреите во Македонија, беше изведена пригодна програма во сеќавање на жртвите на Холокаустот.
На Комеморативната вечер, во знак на одбележување годишнината од депортацијата и погубувањето на 7 илјади и 144 македонски Евреи во нацистичките логори на смртта, беа реафирмирани пораките дека таа трагедија ќе остане засекогаш запаметена, а сеќавањата на жртвите ќе останат засекогаш наша обврска за никогаш да не се заборави!
Во рамките на програмата на Комеморативната вечер посветена на 11 март, Денот на депортацијата на Евреите од Македонија, премиерот Ковачевски и другите гости и присутни ја проследија изложбата „Живот“ посветена на преживеаните Евреи кои ја возобновија заедницата и кои дадоа придонес во градењето на новата повоена држава.