Грковска: Заедно со надлежните институции и со граѓанскиот сектор градиме системски пристап во креирањето и имплементирањето на антикорупциските политики

„Основата на стабилно општество е општество кое функционира транспарентно, одговорно и ефикасно, врз основа на законските и системските правила, независно од тоа која политичка гарнитура е на власт. Корупцијата е проблем кој нѐ загрижува сите и затоа треба сите заедно, Владата, надлежните институции, невладиниот сектор да работиме на креирање на антикорупциски политики и на нивно доследно имплементирање“, нагласи заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, на денешната работилница за јакнење на капацитетите и имплементацијата на Конвенцијата на Обединетите Нации против корупцијата (УНКАК).

Во своето обраќање вицепремиерката Грковска потенцираше дека нашата држава во борбата против корупцијата, на листата на Транспаренси Интернешнл постигна скок од 24 места, што е за поздравување, но и обврска да се работи уште повеќе за да се постигнат подобри резултати.

„Спречувањето на корупцијата е процес во кој треба активно да бидат вклучени сите институции, Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција, Обвинителството, ДКСК, ДЗР и сите останати институции. Бидејќи ако една од нив затаи, овој ланец не може да функционира соодветно, а процесот нема да биде ефикасен“, оцени вицепремиерката Грковска.

Таа додаде дека последните истражувања покажуваат дека сензибилитетот кај граѓаните против корупцијата е зголемен, а толеранцијата кај граѓаните за овој проблем е намален, што за Владата дава поголема одговорност, но и поттик да работи поефикасно и потемелно во сузбивање на корупцијата.

Вицепремиерката Грковска потенцираше дека фокусот на нејзината работа се дигиталната трансформација на општеството, транспарентност и ефикасност на институциите, како и антикорупциски политики и системски решенија.

„Ова се три области, кои навидум изгледаат различни. Но, во суштина, трите области се меѓусебно поврзани, а нивната паралелна имплементација значи обезбедување транспарентно, ефикасно и одговорно функционирање на системот“, рече вицепремиерката Грковска и додаде дека посебен таргет во нејзината работа е унапредување на системот на јавни набавки каде се детектирани слабости кои мора да се надминат.
 
На состанокот, кој го организираше МЦМС во соработка со УНОДЦ и коалицијата УНКАК, покрај претставниците на овие две меѓународни организации, Бил Вуд и Матијас Хантерс, се обратија и министерот за правда Никола Тупанчески, како и претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска.