Грковска: Со дигиталната трансформација на општеството ја унапредуваме ефикасноста, но и ја зголемуваме довербата на граѓаните и на бизнис секторот во институциите

Подготовка на конкретен план со кој ќе се оптимизира процесот на дигитална трансформација на општеството, стандардизацијата на техничките потреби за оваа намена, но и целосно координирана активност на сите вклучени институции се следните чекори во процесот на дигитализација. Ова го најави заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на денешниот состанок со двете работни групи надлежни за областа на информатичко комуникациските технологии и за подготовка  на неопходните законски решенија.

Таа информираше дека процесот на дигитална трансформација на општеството се одвива заедно со експерти од Естонија и поддршка од амбасадата на САД.  

„Преку дигитализација на процесите, на граѓаните им се овозможува навремени и ефикасни услуги со минимизиран ризик од субјективно и дискреционо постапување. Со оваа дигитална трансформација се унапредува ефикасноста и кредибилитетот на институциите, со што ќе се зголеми и зајакне довербата на граѓаните и на бизнис секторот во институциите“, нагласи вицепремиерката Грковска.

Таа додаде дека мора да се утврди со какви капацитети располагаат одделенијата за стратешко планирање во рамките на државната управа, но и да се направи стандардизација на техничките потреби меѓудругото и во смисла на сајбер заштита и безбедност. Дополнително, додаде вицепремиерката Грковска, со помош на работните групи ќе се направи евиденција за софтверски решенија и апликации со кои располагаат самите институциите, со цел да се има увид со што располагаат институциите за да се избегне непотребно изготвување на веќе постоечки софтверски решенија и нивно меѓуинституционално користење онаму каде што е возможно.

Вицепремиерката Грковска оцени дека е неопходно да има координиран и ефикасен пристап, со цел да се обезбеди поефикасно спроведување на процесите за дигитализација од страна на Владата.