Онлајн средба Грковска – Квасни: Политиките за добро владеење се неопходни во спортот, поддршката од Советот на Европа е од клучно значење

Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, денеска имаше работен онлајн состанок со Софи Квасни, извршна директорка на Проширен договор за спорт (ЕПАС), организација која функционира во рамките на Советот на Европа, на која се зборуваше за имплементирање на политики за добро владеење во областа на спортот.

Вицепремиерката Грковска ја реафирмираше подготвеноста на Владата да преземе сериозни чекори во насока на подобрување на состојбите во спортот, особено во делот на креирање на политики за добро владеење, антикорупциски политики, младите во спортот, родовата еднаквост.

Истовремено, се заблагодари на поддршката што Советот на Европа ја дава на Република Северна Македонија при што изрази подготвеност за продлабочување на меѓусебната соработка.

Извршната директорка на ЕПАС Квасни ја поздрави иницијативата на вицепремиерката Грковска да се посвети посебно внимание на состојбите во спортот.

Двете соговорнички изразија подготвеност да се продолжи соработката во делот на ревидирање на Европската спортска повелба во политиките за спорт во Северна Македонија. Дополнително беше разговарано да се започне со имплементација на национална програма за добро владеење во спортскиот сектор која ќе опфати подготовка на Кодекс за добро владеење, како и градење на капацитети на спортските организации со цел ефективна примена на Кодексот.

Вицепремиерката Грковска изрази подготвеност да се разгледа можноста Северна Македонија да пристапи и кон потпишување на Маколин Конвенција, која се однесува на превенција од манипулација со спортски натпревари, како и вклучување на Северна Македонија во Групата од Копенхаген која претставува глобална мрежа против местење на натпревари.