Маричиќ од Стокхолм: Иднината на здрава планета е наша заедничка обврска

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ се обрати на значајниот глобален состанок за животна средина, „Стокхолм + 50“, кој ја одбележува 50 годишнината од Конференцијата на Обединетите нации за животна средина, испраќајќи порака дека одржливиот развој на животната средина е глобална цел и дека не смее да се изгуби битката со еколошките предизвици.

Иднината на здрава планета е наша заедничка обврска. Помина половина век од Првата конференција на ОН за човековата средина во Стокхолм, 1972 година и сè уште разговараме за глобалните еколошки предизвици, рече Маричиќ.
Вицепремиерот посочи дека Северна Македонија, заедно со глобалната заедница ја поддржува заедничката визија за „Здрава планета за просперитет на сите“.

Имаме поставено долгорочна визија: Северна Македонија до 2050 година да е просперитетна економија со ниска емисија на јаглерод, која следи одржливи и климатски отпорни патеки за развој, и која ја подобрува конкурентноста и промовира социјална кохезија преку акција за борба против климатските промени и нејзините влијанија, истакна Маричиќ додавајќи дека во борбата против денешните предизвици, регионалната соработка има важна улога, особено во исполнувањето на целите на Зелената агенда за Западен Балкан.

Според него „Стокхолм + 50“ е одлична можност да постигнете просперитетна, инклузивна и здрава планета, но за тоа е потребен мултилатеризам во справувањето со тројната планетарна криза на Земјата – климата, природата и загадувањето и координирана акција од различни чинители и поединци, како и партнерства помеѓу науката, бизнисот, креаторите на политики и граѓанскиот сектор.

Ова е загарантиран начин на кој ќе дојдеме до соодветни решенија кои се важни за одржливиот развој и заштита на планетата и на сè што живее и дише на неа. Денес наша одговорност и можност е да го исполниме она што е поставено како цел пред 50 години на Конференцијата за животната средина, може да биде целосно реализирано со градење здрава иднина за сите нас и за претстојните генерации, порача Маричиќ.

Покрај Маричиќ, на глобалниот настан учествува и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, кој ќе има свое обраќање на третиот лидерскиот дијалог насловен: ,,Забрзување на имплементацијата на еколошката димензија на одржливиот развој”. 
Вицепремиерот Маричиќ во рамки на посетата на Кралството Шведска ќе оствари неколку билатерални средби меѓу кои ќе биде и средбата со министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линден и со претседавачот со парламентарната група на пријатели на Западен Балкан, Аднан Дибрани и претседавач от со ЕУ Комитетот, Пири Ниеми, како и со генералната директорка на Шведската развојна агенција, Карин Јамтин.