Нуредини: Зелен развој и здрава животна средина се можни само со заедничко и координирано делување

Во рамките на глобалниот состанок за животна средина, „Стокхолм +50“,  министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини имаше свое обраќање на третиот лидерскиот дијалог насловен: ,,Забрзување на имплементацијата на еколошката димензија на одржливиот развој”.

Потенцирајќи ги амбициозните национални климатски цели што веќе се вградени во низа стратешки, плански и правни документи, министерот Нуредини ја потврди посветеноста на државата за постигнување декарбонизиран раст и заштита и промоција на животната средина и природата.

При тоа, министерот Нуредини посочи дека Национална стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, Ревидираните национални придонеси кон Договорот од Париз (eNDC) што го одразуваат „зеленото сценарио“ од енергетската стратегија и препорачаните 63-те мерки за негова имплементација ќе овозможат севкупна модернизација, трансформација на енергетскиот сектор и економски развој и остварување на поставените цели за намалување на стакленички гасови за 51% или нето 82% до 2030 година во споредба со 1990 година.

Патоказот за имплементација на нашиот eNDC се усогласува со целите и задачите на горенаведените национални политики и планови што се сеопфатни и се фокусираат претежно на одржлив развој, зелен раст, намалување на сиромаштијата и пристап до современи услуги. Посветени сме на деактивирање на нашите електрани на јаглен и инвестираме во обновливи извори на енергија, соларна, ветерна и хидро енергија- рече Нуредини, порачувајќи дека  времето за делување не е сега, туку беше вчера. 

Укажувајќи дека Северна Македонија постигна виден напредок во заштита на природните вредност и процентот на заштитени подрачја во однос на целата територија се зголеми од 8.9% на 13.9%, Нуредини кажа дека и во заштитата на природата мора  да одиме чекор понапред и да применуваме решенија засновани на природата како би се прилагодиле на промените што веќе се случија. 

Нуредини порача дека мора заеднички и регионално да делуваме за доброто на сите, при што секој треба да го одработи својот дел. Поголемите индустријализирани држави мора да ги поддржат државите што се обидуваат да ги остварат амбициозните еколошки и климатски цели бидејќи само заедно можеме да постигнеме безбедна животна средина за идните генерации.