Министерот за транспорт и врски ,Благој Бочварски денеска го означи завршувањето на реконструкцијата на раскрсницата помеѓу улиците „Сремски фронт“ и „Борис Крајгер“ во штипската населба Сењак.
Ова модерно и безбедно сообраќајно решение е дел од Проектот за поврзување со локални патишта кое се реализираше преку Министерството за транспорт и врски со средства во висина од 12 милиони денари.
Целосно новиот и модерен проект опфаќа проширување и отворање на крстосницата меѓу улиците „Сремски Фронт“ и „Борис Крајгер“, комплетно нов асфалт, светлосна сигнализација која значително ќе ја зголеми безбедноста на оваа прометна крстосница, дополнително проширени тротоари за безбедност на пешаците и изградба на нова автобуска постојка.
„Денеска го означуваме пуштањето во употреба на овој значаен проект за граѓаните на Штип со што верувам дека и преку овој проект во континуитет покажавме како централната власт и Министерството за транспорт и врски најсилно го поддржува и го помага развојот на Штип. Посебно сум среќен затоа што се вложив лично како градоначалник од јавни расправи, до изработка на основен проект, како комплетна визија за овој дел од градот, па се до аплицирање во Транспорт и врски со цел добивање на средства за изградба на модерна крстосница во населба Сењак. Она што го ветивме, денеска е реалност.“ – изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Министерот потенцираше дека преку Проектот за поврзување со локални патишта преку Министерството за транспорт и врски до сега е завршена реконструкцијата на улицата „Панче Караѓозов“ за која се инвестирани 10 милиони денари, а наскоро започнуваат и градежните активности за реконструкција на улиците „Солидарност“, „5-ти Конгрес“ и „Браќа Даневи“, за кои ќе се инвестираат дополнителни 450 илјади евра.
Тој најави и уште еден проект за градот Штип на кој се очекува градежните работи да започнат многу наскоро.
„Следниот месец очекувам и започнување на градежни активности и за поставување на ограда на коритото на река Отиња со вредност од 5,5 милиони денари за што веќе го избравме изведувачот на работите, а по изборот на надзорниот орган влегуваме и овде во работа.“ – истакна министерот Бочварски.