„Нема дефекти во производните постројки и дистрибутивната мрежа за топлинска енергија во Градот Скопје и тие се 100% функционални“, изјави денеска Александра Маројевиќ, помошник на директорот за Производство во АД ЕСМ, задолжена за топлинска енергија. Се интервенира на повик од граѓани за дефекти во становите или станарските потстаници.
„Бројот на објекти кои пријавиле дефекти пред почетокот на грејната сезона, сега се намалува со нивно санирање, но истовремено во првите денови од почетокот на греењето се појавуваат нови пријави, на кои екипите работат непрекинато, како и центарот за прием на рекламации на бројот 3076-200“, изјави Маројевиќ.
„Дефектите кои во текот на вчерашниот ден до овој момент се пријавени се однесуваат на дефекти од истекување на водата од грејната инсталација и дефекти во топлинските станици на објектите заради кои радијаторите на потрошувачите останале ладни. Во текот на вчерашниот ден и денеска се пријавени околу 600 рекламации од потрошувачи. Приоритет на постапување имаат пријавите на истекување на вода од грејната инсталација заради фактот што можат да предизвикуваат поголема материјална штета во домовите. Во моментов 80 објекти се затворени заради истекување од внатрешната инсталација во домовите на потрошувачите, а ќе се приклучат и ќе добиваат топлина од системот откако потрошувачите ќе го отклонат дефектот. Дефектите во топлинските потстаници се спроведуваат по редослед прв јавен, прв услужен. Во моментов околу 80 рекламации од овој тип се предадени за контрола и отклонување кај сервисните екипи на терен“, изјави Маројевиќ.
Медиумските екипи денеска имаа можност да видат како се интервенира на лице место во топлинска станица во зграда во населба Пролет во Скопје по пријава на потрошувачи, и како се отстранува дефект или препрека во самата инсталација на зградата, со што се овозможува објектот да ја прими испорачаната топлина.
Во однос на енергенсите, Маројевиќ информира дека АД ЕСМ и државата се во активности за обезбедување гас по што поповолни цени, а доколку во тоа не се успее, алтернативно решение ќе биде користењето на дизел гориво, кое е достапно на пазарот и навремено ќе се обезбеди. Исто така, државата располага и со државни резерви во однос на основните енергенси и граѓаните треба да бидат спокојни во поглед на парното греење во Скопје.
Денеска топланите стартуваа со производство и испорака на топлинска енергија во дистрибутивната мрежа до објектите во 05:45 часот, а производството запре во 10:00 часот при надворешна температура од 12 степени. Обемот на произведената топлинска енергија за денешниот ден е во согласност со надворешната температура и мрежните правила и изнесува 809 мегавати во час (MWh).
Маројевиќ информираше дека во вечерните часови во овој период кога дневните температури се високи, согласно мрежните правила за снабдување не се испорачува топлинска енергија, што ќе се промени во следниот период кога се очекува пад на температурата.
По добивањето лиценца од РКЕ, од понеделник своите активности ги отпочнува ЕСМ Снабдување ДООЕЛ во дејноста снабдување, и потрошувачите ќе бидат известени за потребата од нивно префрлување од претходниот на сегашниот снабдувач со топлинска енергија.