Генералниот секретар Димовски се обрати по повод Меѓунардониот ден на ромскиот јазик: Посветени сме на развојот и интеграцијата на ромската заедница во духот на европските вредности

Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија Методија  Димовски денеска се обрати по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на ромскиот јазик, 5 ноември, пришто на припадниците на ромската заедница им го честиташе денот на нивниот мајчин јазик кој претставува значаен белег на нивниот културен идентитет и писменост.

Во оваа прилика Генералниот секретар Димовски потсети дека пред повеќе од 50 години е одржан на Првиот конгрес на Ромите, а пред повеќе од две децении Ромите се впишани во Уставот на Република Северна Македонија.

„Нашите заеднички заложби, пак, се впишани во новата Стратегија за инклузија на Ромите 2022-2030 година, како дел од политиките за изедначување на степенот на вклученост и интеграција на ромската заедница со сите етнички заедници“, истакна Димовски.

Генералниот секретар во оваа прилика истакна дека во нашето мултиетничко општество  од исклучителна важност  се меѓусебната почит, заедништвото и слободата секој народ да ја негува својата историја, култура и традиција на свој мајчин јазик и дека јазикот на еден народ е неговото културно обележје, печат на културниот и националниот идентитет и писменост.

„Учењето на мајчиниот јазик е една од најмоќните алатки во борбата против дискриминацијата на маргинализираните популации. Тој е столб на квалитетното образование и напредокот. Посветеноста на развојот на ромската заедница и инклузијата на Ромите во општеството недвосмислено ја покажува јасната определбата на Владата на Република Северна Македонија за креирање на заедница втемелена врз европски вредности“, подвлече Димовски.