Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и претседателот на Владата на Република Албанија Еди Рама, денеска по втората меѓувладина седница одржаа заедничка прес-конференција.
Двајцата премиери уште еднаш го изразија задоволството од интензивната соработка на двете земји, евроинтеграцискиот процес и взаемната поддршка и солидарност во време на криза.
Во продолжение е изјавата на премиерот Ковачевски пренесена во целост.
„Чест ми е што сум денес домаќин на мојот драг пријател Еди, што Владата беше домаќин на Владата на Албанија.
Како што реков и на моето воведно обраќање на седницата, ние толку често комуницираме со Еди, толку е тесна соработката помеѓу нашите министерства и институциите, меѓу нашите две земји, што јас навистина, имам чувство дека денес тука сме сите заедно како дома.
И јас и Еди имаме заедничка цврста политичка волја за развој на соработката. Покажавме и двајцата што значи храброто и одговорно лидерство базирано на европските вредности и затоа Северна Македонија и Албанија денес се заедно на европскиот пат.
И тука, би сакал пред целата македонска и албанска јавност да му се заблагодарам на Еди и на Албанија, за неговата, за нивната поддршка која ја добивавме изминатиов период, особено летово, додека седевме на политичката маса во Брисел преговарајќи да ги започнеме заслужените преговори.
И кога кажавме НЕ и кога кажавме ДА, иако не беше лесно, вие Еди и вашата делегација дадовте целосна поддршка. Некои и не веруваа, но еве нѐ денес тука, двете земји со отпочнати преговори, брзо одиме по европскиот пат.
Во маката се познаваат пријателите, а нели ние тука на Балканот имаме доволно маки, па затоа, добро е да се имаат пријатели како Албанија. Јасно е дека заедно можеме многу повеќе, и затоа, оваа поддршка, јас лично ќе ја паметам и ценам засекогаш.
Северна Македонија и Албанија се вистински пример за тоа како се градат добрососедски односи. Во клучни моменти за светот, ние заеднички придонесуваме во мирот и безбедноста во Западен Балкан, а со тоа и на Европа.
Денес, ги надминуваме актуелните предизвици од глобалната економско - енергетска криза солидарно, како рамноправни членки на НАТО и партнери на САД, во рамки на иницијативата Отворен Балкан, во рамки на Берлинскиот процес и низ унапредувањето на билатералните односи.
Денес ги поставуваме основите за тоа како ќе ги развиваме нашите две земји додека заеднички чекориме на европскиот пат, за тоа како да ги направиме нашите држави подобро место за живеење, да дадеме потврда дека посветено работиме, но и да дадеме надеж дека утре ќе биде подобро. Од оваа криза ќе излеземе заеднички, солидарно, и никој нема да биде оставен сам.
Многу е лесно да се зборува за минатото и за она што нѐ разделува. Но, да се зборува за развој, за иднината, за тоа како да се обезбеди дома европски стандард и живот, бара работа, бара посветеност, бара визија и лидерство. И ние тоа го имаме. И затоа сум убеден дека, ќе успееме за сите граѓаните на двете наши држави да обезбедиме поддршка за да ја пребродиме тешката зима, и да дадеме ветување дека до година ќе биде подобро и малку полесно.
За тие наши напори, доказ е и денешната втора седница меѓу владите на Република Северна Македонија и Република Албанија овде во Скопје којашто ја посветивме на конкретни решенија за актуелни прашања за граѓаните и за државите и за двете држави.
Меѓувладината седница пред малку заврши, по што потпишавме повеќе меморандуми за унапредување на соработката речиси во сите области, секако, со посебен фокус кон енергетиката кон којашто е свртено и вниманието на целиот свет.
За да обезбедиме стабилни и одржливи извори на енергија потпишавме Меморандум за соработка во секторот за енергија. Со ова, создадовме рамка за подготовка и реализација на заеднички енергетски проекти, коишто главно се однесуваат на инфраструктурата за природен гас и за обновливите енергии.
Ние денес, но и во идниот период имаме уникатна можност да ја придвижиме енергетската трансформација која ја започнавме. Со добро поставена визија, ние како земја веќе инвестираме во индустриите на иднината кои покрај тоа што ќе ни обезбедат енергетска независност, ќе ни отворат и можност за повеќе и подобро платени работни места за граѓаните.
Како и што кажав, оваа криза за нас и е и можност, за иновација, за развој, можност да ја претвориме земјата, во хаб на зелена енергија која понатаму, со добар план и стратегија може да го снабдува и регионот но и континентот со енергија добиена од обновливи извори. Северна Македонија има ресурси. Има сонце, вода, плодна почва. Наша обврска е да ги искористиме тие ресурси разумно и да обезбедиме подобра иднина за нашите граѓани. И тоа е нешто што е навистина вредно за размислување, но за преземање на конкретни чекори.
Тоа секако ќе придонесе и кон другиот важен аспект за квалитетот на живот на граѓаните, односно економскиот развој, каде поврзувањето на државите од суштинско значење. Затоа, денес потпишавме и Меморандум за разбирање за развој на патната поврзаност помеѓу двете земји.
Преку овој Меморандум, ги засилуваме заедничките напори за изградба и завршување на патната инфраструктура во делот од патниот Коридор 8, со цел поврзување на целиот Коридор 8, до 2030 година.
Сето ова, кое го правиме денес, нас како земји, и како регион ќе нѐ направи далеку поатрактивни за странските инвеститори, што во крајна линија ќе значи нови фабрики, нови, добро платени работни места, ќе значи дека нашите млади ќе останат тука дома да работат, да си ја градат иднината и понатаму да го развиваат ова што ние денес го почнуваме.
И останатите меморандуми што ги потпишавме се однесуваат на продлабочување на соработката помеѓу двете држави за повеќе важни прашања, веќе вие имавте прилика да присуствувате на потпишувањето на сите договори и меморандуми.
Она што сакам да го истакнам и издвојам меѓу другото кое денес го направивме, а е уште еден конкретен доказ за нашата добра соработка и развојот на меѓусебната доверба, е договорот за враќање на незаконски изнесени икони од нашата држава, уште од 2013 година. За овие икони кои се плод на богатата домашна иконописна традиција од 19 век и се значаен дел од националното културно наследство, по завршената кривична постапка водена од судските органи во Тирана, преку денешниот Договор, ќе се започне постапка за физичко враќање во државава.
Јас имав состанок со архиепископот на МПЦ г.г.Стефан и му ветив исто како кога му ветив дека ќе работам на признавањето и воведувањето во канонско единство на МПЦ со сите други православни цркви, тоа и го направив. Исто му ветив, дека јас лично ќе одам во Албанија и сите 21 икона кои се наоѓаат таму ќе ги донесам во нашата држава. За тоа морам да му се заблагодарам лично на Еди Рама којшто заедно со неговиот министер за култура којшто работеше заедно со нашиот министер за култура, Бисера Костадиновска, го направи тоа да биде можно. Денес, сите можеа да видат една од тие икони тука во Скопје, а многу скоро, во наредните денови сите заедно ќе бидат донесени во Скопје. Ќе му ги предадам на архиепископот на МПЦ за да можат сите наши православни верници од државата, од целиот регион, но и сите други верници од други религии да уживаат во тоа богатство кое Северна Македонија го има.
Оваа втора меѓувладина седница е континуитет на тоа што беше договорено на првата меѓувладина седница што се одржа во Поградец во Албанија. Оттогаш, ја унапредивме нашата соработка и во рамките на Отворен Балкан и на Берлинскиот процес преку меѓусебна помош и поддршка во справувањето со последиците во економско-енергетската криза.
И Европската Унија ги гледа нашите заеднички заложби за економски развој и конечно сфати дека и нејзин стратешки безбедносен интерес е Западен Балкан да биде дел од Европа. Дека државите од Западен Балкан имаат демократски прогресивни раководства и дека сега е моментот да се осигура заокружувањето на европското семејство. Овој моментум на подадени раце од страна на нашите партнери, ние пак, не смееме да го пропуштиме.
И ние ЕУ и ние досега ги исполнивме сите ветувања и така и ќе продолжиме.
Отворањето на преговорите и започнувањето на скринингот е огромен успех за сите нас.
Во овој контекст за нас, признанието од Европа за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик беше многу важно. Преговорите беа мачни и тешки, но ние успеавме да го постигнеме она за кое се боревме. Не само што го зачуваме македонскиот идентитет и македонскиот јазик туку и го издигнавме на исто рамниште со останатите јазици на Европската Унија.
Доказ за ова исполнетото ветување беше и потпишувањето на Договорот за ФРОНТЕКС, како прв ваков договор на кој сме ставиле потпис заедно со сите останати 27 земји членки, на македонски јазик, без никакви додавки, фусноти или дообјаснувања.
Почитувани сме како успешна, мултиетничка функционална демократија на рамноправи граѓани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други кои тука живеат како успешен и потврден модел на Европа во мало.
И сето ова отвори простор, ние како држава да пристапиме и кон остварување на другите потребни чекори коишто следуваат во Парламентот, со цел, во еден динамичен процес да ги заокружиме пристапните преговори со ЕУ до 2030 година. Нема простор повеќе за оправдувања коишто би го закочиле процесот на европските интеграции на нашата држава.
Во оваа насока, очекувам сите пратеници да бидат на ниво на задачата, да покажат одговорност во Парламентот и да продолжиме со брз чекор да се движиме кон ЕУ.
Членството во Европската Унија е стратешка цел на Република Северна Македонија, исто како што е стратешка цел и на Република Албанија. Заедно го почнавме и скрининг процесот, и заедно ја имаме можноста да ги завршиме преговорите и да станеме полноправни членки на ЕУ.
За крај, благодарам за големата пријателска поддршка од Република Албанија при нашето зачленување во НАТО. Тоа е уште една точка на поврзување меѓу нашите две земји, исто како и грижата за граѓаните Албанци во Северна Македонија и грижата за граѓаните Македонци во Албанија.
Драго ми е што сето ова што го споделуваме денес со граѓаните како производ од оваа меѓувладина седница е поле на отворени можности заедно да напредувме и да ја оствариме нашата заедничка стратешката цел, полноправно членство во Европската Унија.
Ви благодарам. Му благодарам уште еднаш на премиерот Рама и на сите негови колеги од Владата од Албанија кои денес беа присутни заедно со нашите министри и со мене.“