Заврши третата сесија на Министерскиот состанок на ОБСЕ која ја водеше Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, на 29-от состанок на Министерскиот совет на ОБСЕ, што оваа година се одржува во Лоѓ, Полска, на 1 и 2 декември 2022 година, согласно агендата и воспоставената пракса, денес ја води третата пленарна сесија на состанокот, во капацитет на иден претседавач со ОБСЕ.

Османи истакна задоволство од продуктивниот тек на разговорите за време на овогодинешниот Министерски совет. Воедно, потенцира дека Северна Македонија е подготвена да го преземе својот дел од одговорноста, имајќи ја привилегијата да биде претседавач со оваа Организација.

“На овој пат и нашите успеси и неуспеси ќе бидат ваши. Денешните тешки времиња бараат решителност и посветеност. Затоа, би сакал да ја искористам оваа прилика, да го повикам секој од вас да преземе и критична одговорност“, рече Османи.

Исто така, министерот Османи ги покани Министрите за надворешни работи на земјите учеснички на ОБСЕ на идниот Министерски совет кој ќе се одржи во Скопје, потенцирајќи дека предизвиците на ОБСЕ регионот и иднината на Организацијата се значаен повод да се седне околу оваа маса и да се засилат заедничките напори во име на принципите од Хелсинки до кои сите се придржуваат земјите учеснички на ОБСЕ.