„Преку целосно автоматизирање на процесот на распределба на надзорите и контролите на инспекциските служби, го елиминираме субјективниот пристап и човековиот фактор во инспекциските предмети што е од особено значење во отстранување на сите сомнежи за субјективно работење”, посочи заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска на денешната промоција на информатичкиот систем за инспекциски надзор, Е-инспектор, во организација на Советот за инспекциски надзор.
Таа нагласи дека Владата е цврсто определена да изгради ефикасен, но и објективен, професионален и одговорен инспекциски систем, за што минатата година за инспекциските служби се обезбедени 400 преносни компјутери, но и се унапредуваат другите услови за успешна и ефикасна работа на инспекторите.
Вицепремиерката Грковска потенцираше дека во рамките на своите надлежности, Владата помага во исполнувањето на главните цели и приоритети на Инспекцискиот совет за 2022 година, како што се развој и одржување на електронскиот систем за автоматизација на инспекциската постапка и инспекциското работење, Е-инспектор, кој е одржлив и дигитализиран систем за стручно усовршување и обука на инспекторите во инспекциските служби и зајакнување на организациската поставеност на Инспекцискиот совет.
Таа потенцираше дека со целосното воспоставување на Е-инспектор преку кој ќе бидат автоматски поврзани сите инспекциски служби во земјава, се овозможува зголемување на ефективноста и ефикасноста, подобар увид во податоците, подобра контрола, како и намалување на административните процедури за прибавување на потребните документи.
„Според мене и поважно е јакнењето на интегритетот кај сите нас. Само со интегритет, со одговорно, отчетно и со професионално работење можеме да имаме силни и ефикасни институции. Промените во општеството зависат од сите нас поединечно. Инспекциските служби се многу важен елемент во градењето на одговорен и професионален систем. Не дозволувајте неодговорното работење на неколкумина или на помал дел од вас да ја креира сликата за целата фела“, потенцираше во своето обраќање заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.
На настанот за развој на информатичкиот систем за инспекциски надзор Е-инспектор, свои обраќања имаа и шефот на Европската банка за обнова и развој во Република Северна Македонија, Едни Аранитаси, претседателката на Инспекцискиот совет, Даниела Рендевска и експертот за инвестициска клима и управување во ЕБОР, Едрита Џаферај.