Се зголемува видливоста на придобивките од Националната рамка на квалификации, продолжува процесот на нејзино унапредување и промоција

Сé повеќе граѓани ги препознаваат придобивките од Националната рамка на квалификации и таа најмногу се користи за зголемување на вработливоста и континуиран личен развој. Сепак, потребно е да се интензивира промоцијата во јавноста, а воедно и да продолжи процесот на нејзина надградба како алатка за признавање на стекнатите квалификации, за утврдување на недостатоци на вештини и кадри на пазарот трудот и за создавање повеќе можности за мобилност.
 
Ова се заклучоците од денешниот состанок на Управниот комитет на твининг проектот финансиран од ЕУ за понатамошна поддршка за имплементирање на Националната рамка на квалификации, кој се спроведува една година и во кој, освен нашата земја, учествуваат и Словенија, Литванија и Франција.
 
Претставниците на повеќе надлежни институции и тела од четирите партнерски земји, потврдија дека досегашната меѓусебна размена на искуства е од голема важност за сите учесници во проектот, а особено за Северна Македонија како земја во развој, која Националната рамка на квалификации треба максимално да ја искористи не само како алатка за комуникација со граѓаните и нивна социјална интеграција, туку и за отпочнување на реформи во образованието преку поставување на национален стандард со кој се уредува стекнувањето и користењето на квалификациите.
 
Твининг проектот започна да се спроведува пред една година, а ќе се реализира во период од 27 месеци. Од истиот се очекува подобрување на квалитетот и подобра приспособливост на образованието и обуките согласно барањата на пазарот на трудот, поврзување на формалното, неформалното и искуственото учење, како и поддршка на процесот на валидација на резултатите од учење стекнати преку неформално или искуствено учење.

На состанокот, покрај претставници на МОН, учествуваа и претставници на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Високиот совет за евалуација на истражување и високо образование на Франција, Институтот за стручно образование и обука на Словенија, како и заменик министерката за образование, наука и спорт на Литванија, Агни Кудараускин.