Предновогодишно дружење на министерката Тренчевска со социјално ранливи категории на граѓани

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во текот на вчерашниот ден учествуваше во повеќе предновогодишни настани посветени на социјално ранливи категории на граѓани.

Предновогодишното дружење започна со заеднички ручек со семејства во социјален ризик, на кој разговараа за предизвиците со кои тие се соочуваат, поддршката на Владата и министерството како ресорно министерство кое се грижи за најранливите. Блиските средби со најранливите се особено значајни, затоа што на тој начин се мапираат вистинските потреби кои ги имаат овие граѓани.

Во Клубот на пратеници беше организирана претстава за најмладите изведена од Интимниот театар-Битола, каде што дечињата покрај што уживаа во изведбата на актерите, добија и новогодишни пакетчиња од Снежната кралица.

Истовремено, за самохраните мајки беше организирана и интерактивна мотивациска работилница која ја водеше професорката Софија Арнаудова од Институтот за социјална политика и социјална работа при Филозофскиот факултет, Скопје. Беа разменети искуства за како мајките си посветат повеќе време за себе, како да бидат посреќни и позадоволни, а со тоа и поуспешни родители. И како што рече и самата професорка „среќата се учи“.

Декември е месецот на насмевки, прегратки и среќа. Денот заврши со желби за многу здравје, среќа и љубов во новата 2023 година.