Премиерот Димитар Ковачевски денеска ја посети ИТ компанијата „Дигикубе“, каде имаше средба со вработените. Премиерот, при посетата се запозна со начинот на работата на компанијата, која е специјализирана за софтверски решенија во ИТ секторот, каде остварува значителни успеси.
Премиерот Ковачевски им се обрати на присутните, изразувајќи ја поддршката за иновативните продукти на компанијата која користи финансиска поддршка од Владата со цел реализација на инвестициски проект за формирање на одделение за истражување и развој, како и проширување на капацитетите.
Во своето обраќање, премиерот Ковачевски нагласи дека оваа компанија, како и други кои се успешни на пазарот се доказ дека домашните и странските инвеститори гледаат огромен потенцијал за формирање и развој на своите компании, тука во Северна Македонија. Во таа насока, премиерот потенцира дека ние, како држава која има отпочнато преговори со ЕУ и е НАТО членка, нуди поволен амбиент за развој на индустрии со добро платени работни места, со што во крајна линија се влијае и на подобрување на стандардот. Премиерот Ковачевски додаде и дека минатата година се обезбедени 2.000 нови работни места, а планот е во оваа, 2023 година, да се продолжи во правец на обезбедување стабилност, економски раст и развој.
Вработените во компанијата му го презентираа најновиот продукт на премиерот Ковачевски, појаснувајќи ги неговите предности за идните клиенти. На крајот од посетата, премиерот Ковачевски имаше средба со ко-сопственичката Влора Адеми, на која дискутираа околу предизвиците во ИТ секторот.
Компанијата „Дигикубе“ ДОО Скопје е македонско-швајцарска ИТ компанија, основана од Томас Хагман и Влора Адеми. Компанијата за само четири години достигнала бројка од 35 вработени и приходи во износ од над 48 милиони денари.