Претседавачот на ОБСЕ, министерот Османи во посета на најстарата Мисија на ОБСЕ, Мисијата во Скопје

Претседавачот со ОБСЕ, Министерот Бујар Османи денес ја оствари својата прва теренска мисија во својство на Претседавач со посета на мисијата на ОБСЕ во Скопје каде се сретна со шефот на мисијата, амбасадорот Килиан Вал.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје, претставува најстарата теренска мисија на оваа организација која беше воспоставена пред 30 години, а посетата Османи ја искористи да направи увид во активностите кои мисијата ги спроведува за поддршка на Северна Македонија, а се значајни како за граѓаните, така и за институциите.

„Проектите кои мисијата на ОБСЕ ги имплементира се од голема корист за државата и претставуваат директна придобивка за граѓаните на земјата. Програмите на ОБСЕ се во согласност со приоритетните цели на Владата и претставуваат израз на партнерство, што е од голема вредност за сите страни“, истакна Османи.

За време на посетата Османи имаше можност да го посети полицискиот центар во Ѓорче Петров, каде во присуство и на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, имаше можност за средба со жени припаднички на полициските единици кои се корисници на обука во рамките на програми на Мисијата на ОБСЕ, како и да присуствува на показна вежба на припадници на Специјалната антитерористичка единица -Тигар и Единицата К9 при МВР.

„Зголемувањето на вклученоста на жените во сите области на општественото живеење, а посебно во доменот на безбедноста, е една од главните заложби и приоритети во претседавањето со ОБСЕ во 2023. За поздравување е што низ вакви и други проекти Мисијата на ОБСЕ дава поддршка и вложува напори да помогне во процесите на подобрување и на професионалноста во јавната администрација“, потенцираше Османи.

Османи исто така ги поздрави и напорите кои ги прави Мисијата на ОБСЕ во однос на контролата на малото и лесно оружје и на безбедноста на границите.

„Објектот и условите кои ги нуди, како и направената показна вежба се потврда за  подобрувањето на оперативните капацитети на специјалната полициска единица на МВР. Проектот видливо ќе помогне да се подобрат мерките за контрола на малото и лесно оружје во Северна Македонија, а со тоа и безбедноста на граѓаните на земјата“, рече Османи.

Османи својата посета ја комплетираше и со посета на теренската канцеларија на ОБСЕ во Тетово, каде имаше можност да разговара со младите од земјава кои се дел од успешни програми во повеќе-јазичното образование.

„Би ја потенцирал континуираната работа на Мисијата за поддршка на младите во Северна Македонија, која има за цел интеракција меѓу етничките заедници и со тоа постигнување на уште поголема социјална кохезија“, истакна Османи.

Тој исто така се сретна и со ученици кои се дел од проектот на Мисијата на ОБСЕ за борба против говорот на омраза, која се одвива во тесна соработка со локалната полиција, со фокус на прашањето за борба против оваа појава од аспект на етничката припадност и родовата еднаквост.

Претседавачот со ОБСЕ, министерот Османи истакна дека работата на ОБСЕ во Северна Македонија опфаќа бројни активности од широк спектар на области како: владеење на правото, градење цврсти демократска институции, независно судство, почитување на човековите права, слобода на медиумите, обезбедување помош и поддршка за реформите во изборниот систем, подобрување на социо-економските фактори и инклузивните политички процеси со целосно учество на граѓанското општество.

„Во тој контекст, би сакал да го поздравам пристапот и работата на шефот на Мисијата, амбасадорот Килиан Вал и на целиот негов тим во изработка на проекти и програми кои се дизајнирани за реформските зафати на Владата на Северна Македонија и во насока на зголемување на отпорноста на општеството во соочување со новите предизвиците“, истакна Османи.

Претседавачот на ОБСЕ Oсмани најави и интензивирање на интеракцијата со теренските мисии, како и воспоставување синергија меѓу приоритетите на претседавањето и оние на теренските мисии за да се поддржат и охрабрат луѓето на кои им треба помош.

Тој посочи дека ќе реализира посети и во други земји каде ОБСЕ има свои мисии и теренско присуство, нагласувајќи дека овие теренски мисии директно влијаат на подобрување на квалитетот на живеење на луѓето, кои се во фокусот на претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ.