Од 129-та владина седница: Се воспоставува систем за елиминирање недозволена трговија со тутунски производи според европски регулативи; Презентација на Дигитален асистент за државна помош AДА; нов директор на ЈП Службен весник

Владата на Република Северна Македонија ја одржа 129-та седница.

Владата, на предлог на Министерството за финансии, ја разгледа и усвои Информацијата за воспоставување Систем за следење и контрола на тутунски производи и на Систем за следење и контрола на нафта и нафтени деривати – Track&Trace,  со препораки за начинот на имплементација во Република Северна Македонија.

Системот за следење и контрола на тутунски производи, според информацијата од Министерството, има за цел да обезбеди следење и контрола на тутунски производи во сите фази на нивното движење, од производството, преку фазата на дистрибуција, до првото малопродажно место.

Овој систем, Track&Trace, за тутунски производи, во Европската Унија е регулиран со директива и регулативи коишто се задолжителни за примена во земјите членки на Европската Унија и со коишто се имплементирани одредбите од Протоколот за елиминирање недозволена трговија со тутунски производи на Светската здравствена организација.

Владата, на предлог на заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, ја разгледа и усвои и Информацијата за проектот Дигитален асистент за потребите на програмите за државна помош на Владата на Република Северна Македонија - Државна помош. При тоа, преку демо-симулација беше извршена презентацијата во врска со првиот дигитален асистент во јавниот сектор во нашата земја, базиран на вештачка интелигенција, АДА, дизајниран за потребите на програмите за државна помош.

Според посоченото во презентацијата, на овој начин, граѓаните, во кое било време ќе може да добијат одговор на сите најчесто поставувани прашања поврзани со програмите за државна помош на Владата на Република Северна Македонија.

Оваа дигитална алатка се очекува да ги олесни и комуникацијата и пристапот до информации на домашните и странските компании и инвеститорите. Со цел привлекување поголем број странски инвестиции во земјата, на овој начин се овозможува и претставување на нашата држава како поволна инвестициска дестинација, преку персонализиран пристап при комуникацијата со потенцијални странски инвеститори.

Со воведувањето на ваквиот дигитален асистент, изразено е очекување дека ќе се автоматизираат до 80 проценти од сите интеракции со корисниците, што ќе придонесе до голема заштеда на ресурси, проактивна комуникација со граѓаните, намалување на метежот во институциите, поефикасни и поефективни процеси, услуги, зголемување на продуктивноста на вработените.

Владата, по точката за кадровски прашања, донесе одлука да го разреши Владимир Кроневски од должноста директор на ЈП Службен весник на Република Северна Македонија. Владата ја именуваше Кристина Јоакимовска за в.д. директор на ЈП Службен весник на Република Северна Македонија.