Заврши петгодишниот проект за поддршка на конкуретноста на УСАИД

Проектот за подобрување на конкурентноста на Американската агенција за меѓународен развој УСАИД во изминатите пет години им помогна на околу 500 македонски компании подобро да се позиционираат на странските пазари и да станат поконкурентни, беше истакнато на денешната презентација по повод завршувањето на овој проект.

Министерот за економија Ваљон Сарачини им се заблагодари на претставниците на УСАИД вклучени во овој петгодишен проект за дадената поддршка во областа на развојот на информатичките технологии, лесната и текстилната индустрија.

- УСАИД суптилно ги одбра областите за соработка со македонските компании. Единствено преку зголемување на конкурентноста во одделните компании може да се зголеми конкурентноста во целиот сектор, и конкурентноста во економијата. Ние како Влада и како Министерство за економија создаваме поволна економска клима и создаваме поволни и транспарентни законски регулативи, изјави министерот Сарачини.

На презентацијата беше истакнато дека активностите на програмата придонеле да се отворат работни места за 3.300 лица, и помогнале да се реализираат инвестиции од 145 милиони долари, како и извоз од 88 милиони долари.

Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Македонија Пол Волерс изјави дека и покрај завршувањето на проектот, САД ќе ги продолжат мерките за поддршка на македонското стопанство. Тој ги поздрави инвестициите на македонските стопанственици реализирани со помош на УСАИД, велејќи дека успехот на проектот е дотолку поважен ако се има предвид дека се реализирал во услови на најголема економска криза во поновата историја. Амбасадорот Волерс рече дека поддршката на УСАИД на македонското стопанство е дел од американското стратегиско партнерство со Македонија.

- Ние имаме повеќеслојна и многу активна програма за соработка со Македонија. САД инвестираа над милијарда долари во Македонија, во создавање на работни места, во напорите за борба против корупцијата, во подобрување на образованието и оспособување на студентите за работа. Обучивме стручни лица во буквално секој сектор на македонското општество и испративме стотици Македонци во САД преку разни програми за размена. Овој проект е уште еден пример на нашето стратегиско партнерство со Република Македонија и добар пример на нашето искрено пријателство, рече амбасадорот Волерс.

Директорот на меѓународната консултантска компанијата ЦАРАНА Едуардо Тухендат, која го спроведуваше овој проект, изјави дека главна задача на проектот била да им помогне на македонските партнерски компании да пристапат до странските пазари и да обезбедат извори на финансирање, но и подобрување на квалитетот на работната рака и проекти за поддршка на компаниите кои ангажираат стажанти за привремена работа.

- Постојат отворени работни места во многу компании, но има ситуации кога не можат да се најдат лица со потребните квалификации. Затоа, мораме да работиме на создавање на потребните квалификации за потребните работни места, изјави Тухендат.

На настанот присуствуваа и претставници на компаниите кои соработувале со програмата на УСАИД. Наташа Сивевска, извршен директор на македонскиот кластер за текстилната индустрија, на завршната презентација на проектот на УСАИД, изјави дека македонската индустрија се соочува со тешкотии како резултат на кризата, и дека е побарувачките на индустријата се намалиле меѓу 20 и 30 проценти во изминатиот месец.

- Иако имавме очекувања и најави дека кризата постепено ќе се намали во месец мај, тоа не се чувствува. Мора да се прават интервенции и поддршки во секторот за да се зајакне конкуренцијата и да ги задржиме постоечките порачки и да добиеме нови. Потребно е да се намалат оптоварувањата за разни правилници и законски одлуки кои се носат, на пример во последно време е актуелно прашањето со набавка на дефибрилатори, или со радио-дифузните такси кои се плаќаат по број на вработени. Тоа не е некоја огромна сума, но сите тие мали суми се оптоварување и имаат влијание, рече Сивевска.

Во рамките на одбележувањето на крајот на проектот за поддршка на конкурентноста на

УСАИД и министерот Сарачини денеска потпиша договор за грант од 40.000 долари преку проектот на УСАИД за унапредување на инвестирањето и извозот.