Вицепремиерката Арифи се сретна со претседателот на Националниот совет на Австрија, Прамер

Вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи денеска се сретна со претседателот на Националниот совет на Република Австрија Барбара Прамер.

За време на средбата, како што соопшти  Секретаријатот за европкси прашања, се разговарало за билатералната соработка меѓу двете земји, како и за процесот на европска интеграција на Република Македонија.

Вицепремиерката Арифи информирала за реформите од европската агенда, кои се реализираат во Македонија. Арифи посебно се осврнала на активностите предвидени со Оперативниот патоказ за реализација на целите од Пристапниот дијалог на високо ниво.

Во разговорите било истакнато значењето на парламентарната димензија во развојот на билатералните односи, како и во остварувањето на политиките на државите.

Претседателот на Националниот совет, Прамер истакнала дека Република Австрија ја поддржува европската интеграција на Македонија и искажала уверување дека реализацијата на активностите од Пристапниот дијалог ќе придонесе за понатамошно приближување на земјата до европските стандарди.