Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска на прес-конференција, заедно со генералниот директор на АД Електрани на Северна Македонија Васко Ковачевски, ги презентираа податоците од Годишниот финансиски извештајот на ЕСМ за 2022 година, како и податоците за производството на струја.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна дека во услови на најголемата светска енергетска криза и покрај безбројните шпекулации, лажни вести, неосновани црни сценарија Владата успеа за граѓаните да обезбеди сигурно, стабилно снабдување со струја и парно од почетокот до крајот на грејната сезона.
„Се шпекулираше дека нема да имаме домашно производство, дека ќе има крах на целиот систем, дека ќе има рестрикции, дека ТЕЦ Неготино нема да проработи, во РЕК Битола дека нема да стигне трансформаторот. Напротив, нашите граѓани имаа сигурно и стабилно снабдување со струја и парно кое стартуваше во точно пропишаниот рок и во текот на цела грејна сезона. Го зголемивме домашно производство на електрична енергија. АД ЕСМ обезбеди 100% снабдување со електрична енергија, иако по закон требаше 60%.
Паралелно го презедовме греењето со топлинска енергија во главниот град. Со многу напорна работа, посветеност и голем ангажман, можеме да кажеме дека успешно ја извршивме и ја вршиме нашата мисија во ова тешко време-сигурна електрична енергија и топлина за граѓаните, за институциите, за стопанството. Без ниту еден ден рестрикции“, истакна премиерот.
Во услови на енергетска криза АД ЕСМ во период од 1 октомври 2022 до 31 март 2023 година имаше вкупно домашно производство од 2.696.406 MWh, односно 222.131 MWh повеќе, за разлика од истиот период во 2017 година, кога немаше енергетска криза.
„Планирано беше да набави електрична енергија од 392.430,00 MWh во вредност од над 146 милиони евра. Но, АД ЕСМ со зголеменото производство набави помалку, односно 175.750 MWh електрична енергија во вредност од околу 48 милиони евра, што е заштеда од скоро 98.5 милиони евра. Ова значи дека кризата ја претворивме во можност. Уште еден позитивен податок, во февруари годинава, споредено со февруари 2022 година, за 80% го зголемивме производство на струја. ЕСМ на 12 февруари произведоа и испорачаа во електро-енергетскиот систем скоро 23 илјади MWh (22.933 MWh) електрична енергија. Ова е највисоко дневно производство во последните 10 години“, рече претседателот на Владата.
Премиерот истакна дека со правилни политики, паралелно се развиваше и зелената транзиција.
„Нашата земја веќе е регионален лидер во енергетската транзиција, со огромен потенцијал да стане зелен енергетски хаб. Континуирано расте интересот за инвестиции во обновливи извори. Расте, само од 1 јануари 2022 година до 28 февруари годинава, во земјава има нови фотонапонски централи со инсталиран вкупен капацитет од 181,2 мегавати од обновливи извори што можат да ги задоволат потребите на 72.500 домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија", истакна премиерот.
Генералниот директор на АД Електрани на Северна Македонија Васко Ковачевски, истакна дека АД ЕСМ во 2022 година оствари вкупни приходи во износ од 34 милијарди 93 милиони и 3 илјади денари или 554 милиони и 358 илјади евра, вкупни расходи во износ од 31 милијарда 578 милиони и 898 илјади денари или 513 милиони и 478 илјади евра за 2022 година. АД ЕСМ искажа позитивен финансиски резултат остварена добивка во износ од 2 милијарди 514 милиони и 105 илјади денари или 40 милиони и 880 илјади евра.
„Поддршка од Влада на Република Северна Македонија добивме 10 милијарди 903 милиони и 908 илјади денари. АД ЕСМ во услови на криза успеа да постигне рекордно дневно производство во последната деценија. Во текот на февруари 2023 АД ЕСМ преку капацитетите со кои располага произведе 22.933 MWh електрична енергија во еден ден, што претставува највисоко дневно производство во последните 10 години и нов рекорд во работењето на АД ЕСМ во последната деценија, благодарение на максималната ангажираност и професионална работа на сите вработени во компанијата. АД ЕСМ од почетокот на 2023 година до сега произведе 44% повеќе електрична енергија споредено со истиот период лани, а дури 61,8% повеќе од истиот период во 2021 година. Во 2022 година предвидено беше производството во однос на 2021 година да се зголеми за 20%, ние успеавме да го зголемиме за 26,7%“, истакна генералниот директор на ЕСМ.
Директорот Ковачевски потенцираше дека АД ЕСМ успеа да ја изменаџира енергетската криза со електрани стари по 40, 50 и 60 години.
„Нивната амортизација е голема и производството на електрична енергија се одвива преку нивно континуирано санирање и одржување. Кога велам континуирано, мислам буквално секојдневно. Ние како раководство во изминатите години направивме капитални ремонти во РЕК Битола кои не беа направено подолго време, вложивме средства и време и работа се со цел да ги зајакнеме, да ги направиме поиздржливи и посигурни во производниот процес. Ги рехабилитираме и хидроелектраните.
АД ЕСМ некаде од 2019 година почна да ги спроведува проектите од енергетската транзиција односно енергетската трансформација. Сите наши активности беа во склад со усвоената Стратегија за енергетика до 2040 година и со движењето кон зеленото сценарио.
Во тек e реализација на проекти од страна на АД ЕСМ, кои ќе донесат инсталирана моќност од 1.760 MW, што е повеќе од постоечката инсталирана моќност на сегашните капацитети на ЕСM, од 1.420 MW“, рече Васко Ковачевски генерален директор на АД ЕСМ.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска на прес-конференција, заедно со генералниот директор на АД Електрани на Северна Македонија Васко Ковачевски, ги презентираа податоците од Годишниот финансиски извештајот на ЕСМ за 2022 година, како и податоците за производството на струја.
Во продолжение обраќањето на премиерот Ковачевски во целост:
„Почитуван министер за економија, Крешник Бектеши,
Почитуван директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски,
Почитувани претставници на медиумите,
Сакам да се заблагодарам за присуството на денешната прес-конференција, која што ја одржуваме пред самиот крај на грејната сезона. Денеска, ќе ги презентираме податоци од Годишниот финансиски извештајот на АД ЕСМ за 2022, во кој се содржани и податоци за производството на електрична енергија за оваа компанија.
Пред се, би сакал да напоменам неколку факти во однос на тоа како се справивме со најголемата енергетска криза, која светот ја памети по Втората светска војна.
Во изминатата 2022 година и подготовките за грејната сезона 2022/2023 година освен што се соочивме со предизвикот да менаџираме две кризи - кризата со електрична енергија и кризата со топлинска енергија, за жал се соочивме и со разни шпекулации, црни сценарија и лажни вести од одредени структури во општеството и пред се политички партии. Се шпекулираше дека нема да имаме домашно производство на електрична енергија, дека ќе има крах на целиот енергетски систем, дека ќе има рестрикции, дека ТЕЦ Неготино нема да проработи, дека во РЕК Битола нема да се инсталира новиот трансформатор и нема да може да произведува со три блока, дека ќе имаме енормно зголемување на цената на електрична енергија, дека ќе имаме ценовен шок за граѓаните и компаниите, дека Градот Скопје ќе остане без топлинска енергија и низа други шпекулации, лаги и невистини кои што за среќа на граѓаните се покажаа како невистинити и неточни.
Напротив, нашите граѓани имаа сигурно и стабилно снабдување со струја и парно кое стартуваше во точно пропишаниот рок и во текот на цела грејна сезона.
Го зголемивме домашно производство на електрична енергија и АД ЕСМ обезбеди 100% снабдување со електрична енергија, иако по закон требаше да обезбеди 60 %.
Паралелно го презедовме греењето со топлинска енергија во главниот град. Снабдувањето со топлинска енергија во главниот град е обврска на Градот Скопје кој не е управуван од Владата ниту пак е управуван од партиите во владејачката коалиција, туку напротив е управуван од нашите политички опоненти и нивниот градоначалник кој победи на последните локални избори. Тие се откажаа од оваа нивна обврска и тоа ние го презедовме заради граѓаните.
Со многу напорна работа, посветеност и голем ангажман, можеме да кажеме дека успешно ја извршивме и ја вршиме нашата мисија во ова тешко време - сигурна електрична енергија и топлина за граѓаните, за институциите, за стопанството. Без ниту еден ден рестрикции.
Јас нема да должам многу, за деталите ќе зборува директорот на АД ЕСМ, но ќе кажам неколку важни податоци.
Во услови на енергетска криза АД ЕСМ во период од 1 октомври 2022 до 31 март 2023 година имаше вкупно домашно производство од 2.696.000 MWh, односно 222.131 MWh повеќе, за разлика од истиот период во 2017 година, кога немаше енергетска криза.
Планирано беше да се набави електрична енергија од 392.430,00 MWh во вредност од над 146 милиони евра. Но, АД ЕСМ со зголеменото производство и заради зголеменото производство набави помалку, односно 175.750 MWh електрична енергија во вредност од околу 48 милиони евра, што е заштеда од скоро 98.5 милиони евра. Ова значи дека кризата ја претворивме во можност.
Уште еден позитивен податок, во февруари годинава, споредено со февруари 2022 година, за 80% го зголемивме производство на струја од производствените погони на АД ЕСМ. ЕСМ на 12 февруари произведоа и испорачаа во електро-енергетскиот систем скоро 23 илјади MWh електрична енергија. Ова е највисоко дневно производство во последните 10 години во државата.
Паралелно, со правилни политики ја развиваме зелената транзиција, затоа што наш приоритет е енергетската независност. Нашата земја веќе е регионален лидер во енергетската транзиција, со огромен потенцијал да стане зелен енергетски хаб.
Континуирано расте интересот за инвестиции во обновливи извори. Само од 1 јануари 2022 година до 28 февруари годинава, во земјава има изградено и пуштено во употреба нови фотонапонски централи со инсталиран вкупен капацитет од 181,2 мегавати од обновливи извори што можат да ги задоволат потребите на 72.500 домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија. Односно, со овие капацитети од обновливи извори на енергија во кои што дел се изградени и од страна на ЕСМ на старите наоѓалишта на рудникот во Осломеј и кој заедно свечено ги пуштивме во употреба може да се задоволат потребите на домаќинства од осум градови: Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка, Свети Николе, Ресен и Дојран. Во првите два месеца од годинава во државата има нови 88 фотонапонски електроцентрали со моќност од 29 мегавати за производство на струја кои се стекнале со лиценци за работа и произведуваат електрична енергија.
Во оваа прилика би сакал да напоменам, дека го исполнивме ветување и никој не беше оставен сам да справува со кризата. Има струја и има парно. Цената на електричната енергија за домаќинствата не се зголеми. Цената на електричната енергија за малите потрошувачи, за 72.000 компании кои вработуваат 98% од работниците во државата се намали за 20% спротивно на сите прогнози кои доаѓаа од целиот свет. Тоа е единствено заради зголеменото производство на електрична енергија во АД ЕСМ. Тоа исто така овозможи да обезбедиме евтина електрична енергија за производителите на основни прехранбени производи, за училиштата и да го стабилизираме снабдувањето со електрична енергија на основните функции на државата, пред се на здравствениот систем. Заради тоа веќе неколку месеци заради и другите мерки кои ги презема МЕ, во делот на цените, од октомври наваму имаме намалување на инфлацијата.
Го донесовме најголемиот пакет антикризни мерки во регионот, оценет и од Светска банка, за граѓаните, посебно заради најранливите категории на граѓани и за одржување на ликвидноста на компаниите од над 760 милиони евра.
Ова се стратешки политики и вистинска грижа за граѓаните и за компаниите во време на криза!
Ова немаше да биде можно без напорната работа на министерот за економија, целиот менаџмент и вработени во АД ЕСМ, менаџментот и вработените на АД МЕПСО. Напорната работа и анализи на РКЕ, напорната работа и посветеност на АД ГАМА, НЕР, напорната работа на нашите претставници кои што комуницираат со нашите стратешки партнери во делот на непречено снабдување со енергенси и суровини за производство на електрична енергија од соседните земји. За тоа на сите сакам да им се заблагодарам во име на Владата, во мое лично име и се надевам во име на граѓаните кои што верувам дека знаат да го ценат ова што беше направено во најтешката зима која помина зад нас.
Ви благодарам.“