Денеска (20.04.2023), по завршувањето на свечената церемонија по повод започнувањето на заедничката операција со ФРОНТЕКС, насловена „Северна Македонија 2023“, беше одржана заедничка прес-конференција на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и извршниот директор на ФРОНТЕКС, Ханс Лајтенс.
„Денешнава свечена церемонија е од исклучително значење за МВР, но и за граѓаните на Република Северна Македонија, и во оваа пригода не можам, а да не потсетам на посебното значење што овој Договор го има за нас, како прв договор во регионот на Западен Балкан согласно новиот, зајакнат мандат на ФРОНТЕКС, потпишан со Европската Унија на македонски јазик, со што се потврди нашиот стремеж за интегрирање во Европската Унија како државјани на Република Северна Македонија, а македонскиот јазик се воведе како официјален јазик на Унијата”, рече министерот Спасовски, заблагодарувајќи се на гостите, високите претставници на Европската Унија, за присуството на оваа свеченост.
Говорејќи за партнерството и заедничкото вложување во персонал, возила и опрема со цел обезбедување поголема безбедност, министерот Спасовски информираше:
„За таа цел, во текот на 2023 година ФРОНТЕКС ќе распореди повеќе од 100 службеници на постојаниот корпус на грчката граница, како и патролни возила и специјална опрема кои ќе обезбедат поддршка во идентификацијата и регистрацијата на мигрантите и ќе помогнат да се идентификуваат ранливите групи. Притоа, почитувањето и заштитата на основните права на секое лице засегнато од операциите на ФРОНТЕКС е во центарот на активностите на агенцијата”.
Извршниот директор на ФРОНТЕКС, Ханс Лајтенс, во својата изјава истакна дека ова патување не само што ќе ги зајакне врските на солидарност меѓу европските нации, туку и ќе ја демонстрира силната посветеност за осигурување на границите и безбедноста на граѓаните.
„Оваа операција ја нагласува растечката соработка меѓу ЕУ и Република Северна Македонија. Целта на операцијата е да се контролираат миграциските текови, да се справиме со прекуграничниот криминал, вклучувајќи криумчарење мигранти, недозволена трговија со луѓе и тероризам, како и зајакнување на европската соработка на границите на земјата со Грција, Србија и Албанија. Фронтекс испраќа полициски службеници и патролни коли во Северна Македонија за да се поддржат надлежните со граничо надгледување и гранични проверки, вклучувајќи проверка на документи, како и скрининг на мигранти и прибирање информации за прекуграничен криминал. Офицерите од ФРОНТЕКС секогаш работат заеднички и под инструкции на надлежните институции на земјата каде што се испратени”, рече директорот Лајтенс.