Граѓаните од денеска можат да купуваат, односно запишуваат граѓански обврзници, откако беше објавен Проспектот за првата аукција на износ од 600 милиони денари. Граѓаните можат да инвестираат минимум 10.000 денари со купување на една обврзница, а каматната стапка, односно приносот што ќе гo добијат за својата инвестиција во граѓанската обврзница е 5 % на годишно ниво. Ова го најавија на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии, Фатмир Бесими, кои посочија на едноставната постапка за купување на обврзницата и на придобивките за вложените пари.
„Новиот финансиски инструмент на пазарот носи бројни придобивки, како за граѓаните, така и за економијата во целина. Првата и една од главните придобивки за граѓаните е профитот, односно приносот кој ќе им го донесе граѓанската обврзница. Граѓанската обврзница има купонска камата од 5% , а истата има рочност од две години. Покрај за граѓаните, граѓанската обврзница носи и макроекономски придобивки, односно придобивки за целокупната економија. Средствата кои ќе се мобилизираат преку аукцијата на граѓанските обврзници, ќе се искористат за буџетски потреби, односно како за тековни потреби, така и за развојни цели и инвестиции во трајни добра. Во секој случај, овие средства преку буџетот ќе бидат повторно инјектирани во стопанството, како преку потрошувачката, преку исплатата на плати и пензии, така и преку инвестициски активности. Тие ќе ја придвижат економската активност, што ќе придонесе кон забрзување на економскиот раст“, изјави премиерот Ковачевски.
Министерот за финансии Фатмир Бесими потенцира дека како што беше ветено проспектот за првата аукција е објавен на крајот на јуни и дека граѓаните веќе од денеска можат да ја започнат постапката за купување, односно запишување на граѓанските обврзници. „Таа, појасни министерот, е многу едноставна. Граѓаните на шалтерите на сите комерцијалните банки можат да пополнат барање за учество на аукцијата и да извршат уплата на паричниот износ за кој сакаат да купат обврзници. Минималната сума која може да се запише е 10.000 денари. Граѓаните можат да пополнат барање во банките најдоцна еден ден пред одржувањето на аукцијата, односно до 12 јули. По запишување на обврзниците во депозитарот, обврзницата ќе им биде издадена на имателите, односно ќе биде запишана на нивно име“, рече министерот Бесими.
Тој додаде дека е ова нов инструмент со кој се овозможува на граѓаните да инвестираат во проекти за развој на земјите, а притоа тие инвеестиции се безбедни за граѓаните, им носат принос и особено важно во услови на двоцифрени стапки на инфлација, ја штитат нивната вредност. Како пример посочи министерот доколку граѓанинот инвестира во 10 обврзници, односно 100 илјади денари ќе добие 5.000 денари принос на крајот на првата година и наредната година уште 5.000 денари или вкупно 10.000 денари за инвестиција од 100.000 денари.
Аукцијата за граѓанската обврзница ќе се одржи на 13 јули 2023 година, кога, како што посочи министерот ќе се знае интересот на граѓаните за овој нов инструмент на нашиот пазар.
Покрај придобивките за граѓаните, овој инструмент има развоен карактер, бидејќи инвестираните средства се директно поврзани со развојните проекти кои се планирани во буџетот и ќе влијае на намалување на сивата економија.
Според министерот со ова се заокружува една фаза од вклучувањето на граѓаните на финанискиот пазар, што е дел од Стратегијата за развој на пазарот на капитал. Тој најави дека во текот на годината ќе се пристапи кон издавање на вториот инструмент, зелената обврзница наменети за поттикнување и поддршка на проекти за унапредување и заштита на животната средина и финансирање еколошки проекти.
Прес-конференција на премиерот Ковачевски и министерот за финансии Бесими
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за финансии, Фатмир Бесими одржаа заедничка прес-конференција во врска со издавањето на проспектот за првата аукција на граѓански обврзници.
Во продолжение ви ја пренесуваме интегралната изјава на премиерот Ковачевски:
„Почитуван министер за финансии Фатмир Бесими,
Претставници на медиумите,
Почитувани граѓани,
По изразениот висок интерес за граѓанската обврзница, како од страна на медиумите, така и од страна на граѓаните, ми претставува задоволство заедно со Министерот за финансии, што денеска, можеме да објавиме дека е издаден проспектот на првата аукција на граѓански обврзници, која ќе се одржи на 13 јули. Аукцијата е за граѓански обврзници во вкупна вредност од 600 милиони денари, или 9,76 милиони евра, додека номиналната вредност на една граѓанска обврзница изнесува 10.000 денари.
Ова е прв пат нашата држава да издава ваков финансиски инструмент. Барањата за ваков финансиски инструмент беа многубројни и беа изразени во текот на изминатиот период од страна на голем број на граѓани кои. Прв пат државни хартии од вредност се наменети исклучиво за физички лица. Оттаму, а во насока на транспарентноста и отчетноста ја одржуваме оваа прес-конференција, на која што ќе ги презентираме сите потребни информации за јавноста околу начинот за издавање и користење на граѓанската обврзница.
Новиот финансиски инструмент на пазарот носи бројни придобивки, како за граѓаните, така и за економијата во целина.
Првата и една од главните придобивки за граѓаните е профитот, односно приносот кој ќе им го донесе граѓанската обврзница. Граѓанската обврзница има купонска камата од 5% , а истата има рочност од две години.
Тоа значи дека на крајот на секоја од овие две години - односно 20.07.2024 година и 20.07.2025 година, од државата на имателите на обврзницата ќе им се исплати камата од 5% на сумата која ја вложиле, додека кога ќе истече двегодишниот период ќе им бидат вратени финансиските средства кои ги имаат вложено во граѓанската обврзница.
Покрај навистина поволната каматна стапка, граѓаните со овој финансиски инструмент добиваат и сигурност, бидејќи државните обврзници како во економската теорија, така и во инвестициската пракса се препознаваат како најсигурен финансиски инструмент, односно најсигурна инвестиција која постои.
Доказ за тоа се и константно високиот интерес од страна на институционалните инвеститори за државните хартии од вредност кои државата ги издава на редовните аукции, односно од страна на банките и фондовите. Во услови на неколку последователни економски кризи и висока инфлација, ваквиот инструмент стана потреба на финансискиот пазар, во насока на заштита на интересите на граѓаните.
Покрај за граѓаните, граѓанската обврзница носи и макроекономски придобивки, односно придобивки за целокупната економија. Средствата кои ќе се мобилизираат преку аукцијата на граѓанските обврзници, ќе се искористат за буџетски потреби, односно како за тековни потреби, така и за развојни цели и инвестициски проекти.
Во секој случај, овие средства преку буџетот ќе бидат повторно инјектирани во стопанството, како преку потрошувачката, така преку инвестициските активности. Тие ќе ја придвижат економската активност, што ќе придонесе кон забрзување на економскиот раст.
Со издавањето на новиот инструмент се збогатува финансискиот пазар и пазарот на капитал во нашата земја. Со развој на пазарот на капитал, се поттикнуваат инвестициите, а воедно се дејствува кон финансиската одржливост, бидејќи се креираат диверзифицирани извори за финансирање на потребите.
Исклучително важна макроекономска придобивка е и мобилизација на готовината со која располагаат граѓаните. Намалувањето на готовината во оптек е суштински чекор во борбата против сивата економија. Сивата или неформалната економија е еден од најгорливите проблеми во нашето општество, и во голем број на други држави во светот, без разлика дали се развиени или земји во развој и тоа е појава која „јаде“ добар дел од БДП на државите вклучително и на нашата држава.
Секој чекор кон решавањето на овој проблем е чекор кон посилна и поразвиена економија и општество.
На крајот, дозволете ми да ги сумирам придобивките од граѓанската обврзница - со исклучително поволна каматна стапка од 5%, таа ќе им донесе навистина солиден принос на граѓаните, ќе ги заштити нивните средства од глобалните инфлаторни движења, а воедно ќе инвестираат во најсигурниот финансиски инструмент кој постои на пазарот. Воедно, придобивките ќе бидат и поопсежни, за целата економија и за општество – се овозможува инјектирање на пари во стопанството преку јавниот сектор, фискална одржливост и борба против сивата економија.
Благодарам на министерот за финансии Бесими, заменик министерот за финансии Николовски, на раководителот на секторот за јавен долг и неговиот тим во Министерството за финансии кои успеаа со напорна работа, голем број на консултации и со експертизата кои ја поседуваат и во фискалната и монетарната економија, да денес имаме прв пат во историјата на државата проспект за граѓанска обврзница наменета за граѓаните.
Ви благодарам за вниманието “