Владина делегација предводена од советникот за одбрана, Драган Василевски, денеска положи свежо цвеќе на спомен плочата кај месноста Карпалак на автопатот Скопје - Тетово со што оддадоа почит на загинатите десетмина припадници на Армијата во оружениот конфликт во 2001 година.
Во чест на загинатите бранители, свежо цвеќе на спомен обележјето кај Карпалак положи и делегација на Министерството за одбрана, предводена од министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во состав со началникот на Генералштаб на Армијата, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски и полковник Новица Стојановски.
Владината делегација предводена од советникот Драган Василевски положи свежо цвеќе и на комплексот „Карпалак“ во Прилеп, каде цвеќе положи и почит оддаде и делегација на Министерството за одбрана, предводена од државната советничка Мирјана Штеријова и претставници од Армијата.
На одбележувањето на 22 годишнината од трагичниот настан со државни почести, почит оддадоа и државни и воени делегации, меѓу кои делегација од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, потоа делегации на политички партии, како и од здружението на бранители „Карпалак“.
На 8 август 2001 година на автопатот Скопје - Тетово во близина на селото Групчин кај месноста Карпалак од заседа беше нападнат конвој на Армијата, пришто загинаа десет армиски припадници.
Во оружен конфликт во 2001 година во трагичен настан кај месноста Карпалак животот го загубија десетте припадници на резервниот состав на Армијата, сите од Прилеп и прилепско: Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Вељаноски, Пеце Секулоски, Веби Рушидоски и Марко Деспотоски.