Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес -конференција во Владата информираше дека изготвена е листата на производи опфатени во одлуката за намалување на цените која што на предлог на Министерството за економија треба да се усвои од Владата на следната седница.
Согласно предлог-одлуката трговците на мало ќе имаат обврска да ги означат цените на намалените производи со ознаката „гарантирана цена“.
„Откако се направени сите анализи и дискусии со стопанските коморите и сите чинители во трговијата излезе идеја да се обележат цените кои ќе бидат намалени од среда. Затоа Министерството за економија, постапувајќи согласно со Законот за трговија, ќе ја дополни одлуката во делот на вршење на трговијата и со одбележување на сите производи кои утре најверојатно ќе бидат наведени на седница на Владата со намалување на цената, која ќе биде минус 10 проценти од изложените цени на 1 август во синџирите на маркетите“ кажа министерот Бектеши.
Како што потенцираше министерот Бектеши сите граѓани, односно сите потрошувачи во маркетите ќе бидат точно информирани кои производи се со намалени цени според Одлуката на Владата.
„Секој потрошувач кога ќе оди во супермаркет ќе има можност да види ознака каде ќе биде наведена гарантирана цена и ќе се знае дека со цените што ќе бидат означени со оваа ознака нема да може да има нагорно зголемување до 30 ноември“
Министерот информираше дека станува збор за 25 категории и над 50 производи од пекарската, месната, млечната и кондиторската индустрија кои во маркетите ќе се продаваат со ознака, а листата на производите е направена според анализите на Државниот завод за статистика за тоа што најмногу трошат граѓаните.
„Ги повикувам производителите и диструбутерите кои не се наоѓаат на листата, доброволно да се пријават за намалување на цените, односно да не се почувствуваат дискриминирани, да се пријават нивните производи да имаат ознака “гарантирана цена“. Има интерес од одредени компании во вакво кризно време да станат општествено одговорни компании и да им излезат во пресрет на граѓаните“, кажа министерот Бектеши.
За подобра заштита на потрошувачите, Министерството за економија изготви ново законско решение за нефер трговски практики, дополни министерот Бектеши и кажа дека ова законско решение содржи одредени механизми за казнување и злоупотреба во делот на формирање цени.
“Предлог законот за нефер трговски практики ќе биде поднесен во Собранието со европско знаменце. Исто така, ќе се зголемат и надлежностите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ)“ кажа министерот Бектеши.