Ковачевски на средба со американски сенатори: Северна Македонија ја очекува европска иднина, потребно е да се направи исчекор за продолжување по европскиот пат

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска во Владата оствари средба со американските сенатори Џин Шахин и Петер Велч, на која присуствуваа и заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.

На средбата беше разговарано за актуелните состојби во државава, како и регионалните случувања во контекст на евроинтеграциските процеси и во поширок меѓународен контекст.  

Заеднички беше констатирано зацврстувањето на взаемното стратешко партнерство, кое, како што беше истакнато, е од клучно значење за продлабочувањето на соработката меѓу двете земји.

Притоа, се потенцираше дека долгогодишното длабоко пријателство и успешното стратешко партнерство помеѓу САД и Северна Македонија внесе нова динамика во евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан.

Посебен фокус беше посветен на претстојните процеси кои ќе влијаат врз развојот на земјава.

Сенаторите Шахин и Велч изразија задоволство од цврстото партнерство меѓу двете земји и ја нагласија важноста на македонскиот модел како пример за успешна мултиетничка демократија во регионот. Сенаторите изразија благодарност за недвосмислената позиција на Владата на Република Северна Македонија во однос на Украина и поддршката која досега е дадена на земјата. По членството во НАТО, земјата сега ја очекува европска иднина за што сенаторите изразија надеж дека земјата ќе го направи исчекорот пред кој е исправена.