Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска во Тирана, во рамки на Самитот на лидери на Берлински процес оствари средба со Одил Рено-Басо, претседателка на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). На средбата како дел од владината делегација зема учество и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.
На средбата беше потврдена успешната долгогодишна соработка со Северна Македонија со ЕБОР која е најактивна меѓународна финансиска институција во земјава. Изминативе три децении, Северна Македонија добива континуирана поддршка од ЕБОР при реализацијата на своите приоритети. Соговорниците нагласија дека таа поддршка е многу важно да продолжи и понатаму, и во регионалните иницијативи, во интерес на натамошен развој на регионот и заедничка иднина во Европската Унија.
На состанокот беше потенцирана поддршката што ЕБОР ја дава за проширување на капацитетите за производство на електрична енергија, особено во време на енергетска криза. Се разговараше и за поддршката што ЕБОР ја дава во реализацијата на инфраструктурните проекти од Коридорот 8, како и во изградбата на автопатот Скопје-Блаце. На средбата соговорниците се согласија дека Северна Македонија е лидер во регионот во инвестиции во извори на обновлива енергија и поддршка на Зелена Транзиција.
Премиерот Ковачевски истакна дека Република Северна Македонија ја цени поддршка на ЕБОР за добивање на повеќе грантови за реализации на проект во железничката инфраструктура.
На средбата со претседателката на ЕБОР, премиерот Ковачевски истакна дека како и досега во изминатите шест години, со водење одговорни политики, Владата ќе продолжи да работи на подобрување на стандардот на граѓаните и на условите за развој стопанството.