Ковачевски: Регионалната соработка, преку платформи како Берлинскиот процес е клучна за евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан

Претседателот на Владата на Репубика Северна Македонија, Димитар Ковачевски по завршувањето на работните сесии од Самитот на лидери на Берлински процес, во изјава за медиумите говореше за важноста на двете работни сесии во рамки на Самитот како и за недвосмислената поддршка на лидерите на членките на Унијата за евроинтеграција на регионот на Западен Балкан.

Во продолжение Ви ја пренесуваме интегрално изјавата на претседателот на Владата, Ковачевски:

„Ви благодарам што сте присутни тука во Тирана и ја известувате јавноста за сè она што е тема на разговор денеска на лидерите од Западен Балкан и Европската Унија.  

Како што кажав и утрово, драго ми е што по Самитот организиран во 2020 од страна на Северна Македонија, кој за жал не можеше да се направи со физичко присуство заради пандемијата, беше организиран онлајн, ова е втор самит во нашиот регион и тоа само ја потврдува важноста на регионот за ЕУ, особено во денешниот геополиткчки контекст што можевте да го видите од сите изјави кои денес беа кажани.  

Денеска тука беа присутни канцеларот на Германија, г. Шолц,  претседателката на Европската комисија , Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел како и голем број премиери на земјите членки на Европската унија и наши големи пријатели.

Навистина е важно што денес земјите од Западен Балкан седнавме заедно со земјите членки на ЕУ да разговараме за теми кои се од заеднички интерес. Тоа ја демонстрира недвосмислената поддршка на Унијата за регионот на Западен Балкан.

Денес имавме продуктивен ден, така како што очекував, на две работни сесии на кои разговаравме пред сѐ за интеграцијата на регионот во единствениот пазар на ЕУ како една од клучните придобивки која ќе обезбеди брз економски раст и развој, подобри можности за граѓаните и деловната заедница, подобар животен стандард, нови инвестиции, подобри плати и се разбира подобра инфраструктура.

Разговаравме и за напорите за обезбедување на енергетска и дигитална транзиција во контекст на моменталната геополитичка состојба и економско-енергетската криза во која живееме. Северна Македонија е посветена на имплементацијата на Зелената Агенда и ние сме и предводници во оваа смисла, со оглед на фактот дека кризата ја препознавме како можност и енергетската транзиција кај нас е веќе реалност. 

За 20 месеци, имаме скоро половина гигават, односно 500 мегавати инсталиран капацитет од обновливи извори на енергија. Тоа беше потврдено и од состанокот кој го имав утрово со претседателката на ЕБОР кои што се исто така вклучени во нашата енергетска транзиција како мултилатерална финансиска институција и  веќе разговараме Северна Македонија да биде еден од позитивните примери на следниот состанок на КОП кој се одржува во текот на месец декември на кој би настапиле заедно со ЕБОР.

Исто така утрвото имав состанок и со г. Вархеји на кој покрај тоа што разговараме за текот на скрининг процесот бидејќи тој е комесар за проширување , меѓутоа во неговото портфолио има, влегува и заедничкиот европски пазар во делот на инфраструктурното поврзување конкретно разговаравме во однос на дигиталното поврзување како и за воведувањето на механизми и алатки кои ќе го овозможат тоа за земјите од Западен Балкан во однос на размента на податоци и побрзо интегрирање со системи според европските директиви за интегрирање во заедничкиот европски пазар.

Минатата година, на претходниот Самит потпишавме три договори кои внесоа нова енергија во регионот. Еден од нив беше и Договорот за меѓусебно признавање  на професионалните квалификации за докторите, стоматолозите и архитектите. Оваа година потпишавме уште еден, со кој ги вклучуваме и останатите четири регулирани професии според директивите на ЕУ - медицински сестри, ветеринарни хирурзи, акушерки и фармацевти. И ова е навистина голема придобивка за граѓаните на регионот, особено на овие експерти, со оглед на тоа дека ќе обезбеди и поквалитетен пазар на труд и крајно и поквалитетно образование во однос на овие професии со оглед на тоа што веќе ќе можат да функционират на заедничкиот пазар на сите земји на Западен Балкан.

Според досегашната пракса, и овој Самит ќе бидат испорачани и Заклучоци а дел од истите е усвојувањето на Регионалната заедничка изјава за спречување на загадување од пластика, Заедничката декларација за единствениот европски платен простор, Заедничката декларација за иницијативата за WiFi за Западен Балкан по примерот на иницијативата во ЕУ, Заедничката декларација за основање на опсерваторија за конвергенција на Западен Балкан која се однесува на спроведување на системи со која ќе може да се следи развојот и напредокот на земјите од ЗБ во однос на клучни показатели споредено со економскиот развој на земјите членки на ЕУ а со цел приближување на економскиот стандард на земјите од Западен Балкан со оној кој го имаат земјите од ЕУ, секако проследено со конкретни активности кои се дел од планот кој се заснова од 4 основи претставен од претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лејен и Заедничката декларација за олеснување на трговијата и транспортот кои се сметаат едни од клучните елементи за зголемување на економската активност, за олеснување на нецаринските бариери, за забрзување на транспортот и се разбира за зголемување на трговијата помеѓу земјите од регионот.  

Регионалната соработка, преку платформи како што е Берлинскиот процес е клучна за да се оствари целиот потенцијал кој го поседува регонот. Тука секако зборувам и за мобилноста и признавањето квалификации, зборувам и за Заедничкиот регионален Пазар, чиишто и претставникот на ЦЕФТА и на РСС и на РИКО, сите беа присутни на самиот состанок за што можевте да се уверите, како и претставници на ЕБОР, СБ, на ОЕЦД.

Ги поздравивме и имплементациите на активностите кои претходно беа договорени и потпишани, на пример бесплатниот роаминг за земјите од Западен Балкан, меѓутоа и драматичното намалување на трошоците со ЕУ, којшто договор беше потпишан на претходниот состанок и тоа меѓу земјите од Западен Балкан, Европската Комисија и 38 телекомуникациски оператори кои оперираат на овој простор и секако дека претставува големо олеснување за граѓаните.

Тоа се конкретни придобивки од ваква регионална соработка. Берлинскиот процес ќе продолжи да го подигнува на нивото на политичка соработка, за нас претставувајќи многу значаен елемент на патот кон евроинтеграциите и пристапниот процес.

Во рамките на овогодинешниот процес беа организирани и други состаноци, а кои што беа наменети за младите во организација на РИКО, потоа состаноци на министри за надворешни работи и на други сектори преку кои се зголемува соработката, се зголемува комуникацијата, се зголемува размената на студенти, на граѓани а секогаш таа размена влијае на зголемување на довербата и се разбира на намалување на конфликтите и зголемување на соработката меѓу земјите.

Исто така денес во Тирана беа отворени и просториите на подружницата на Колеџот на Европа кој практично е подружница која ќе биде во Тирана меѓутоа е наменета за сите земји од Западен Балкан и стипендиите кои ќе бидат обезбедувани од страна на ЕУ ќе важат и за студентите од нашата држава како и за сите други земји од просторот на Западен Балкан. Остварив и повеќе важни билатерални средби.
 
Се сретнав со претседателката на Европската Банка за Обнова и Развој, Одил Рено-Басо, со која разговаравме за континуираната поддршка која земјата ја добива од ЕБОР при реализацијата на нашитее приоритети. Таа поддршка е многу важно да продолжи и понатаму, во регионалните иницијативи, во интерес на натамошен развој на регионот и заедничка иднина во Европската Унија.

Од германскиот канцелар Олаф Шолц, Северна Македонија уште еднаш доби силно охрабрување и поддршка од Сојузна Репубика Германија да го реализираме следниот чекор на зацртаниот пат кон пристапувањето во ЕУ а тоа е носењето на значајните одлуки кои ги имаме пред нас. Разговаравме и за улогата на Берлинскиот процес како катализатор на регионалната соработка и секако на билатералната соработка која ја имаме со Германија која е наш најголем трговски партнер.
 
Имав средба и со Комесарот за проширување на ЕУ, Вархеји со кој разговаравме за важноста на продолжувањето на европскиот пат, статусот на скрининг процесот и секако за дигиталното поврзување на земјите од Западен Балкан, со оглед на тоа што Северна Македонија е држава која ја има најдобрата телекомуникациска мрежа во целиот регион и една од подобрите во Југоисточна Европа што секако дека претставува основа за воспоставување на системи и механизми кои можат да служат на целиот регион во негово поврзува и понатаму поврзување на заедничкиот европски пазар.

На Северна Македонија заклучок е дека ѝ е потребна интеграција, на регионот му е потребна интеграција, не изолација и за тоа се сложивме со сите соговорници со кои денес имавме состаноци а секако тоа е и еден од заклучоците на Самитот на Берлинскиот процес тука во Тирана.

Утре ќе се сретнам и со со потпретседателката на Светска Банка за Европа и Азија, Антонела Басани,  со која ќе разговараме за 30 годишната соработка, меѓутоа и за она што го разговаравме и на кое веќе се работи на средбата која ја имав со тимот на Светска Банка во Њу Јорк, а тоа е следниот аранжман, односно следната рамка која ќе ја имаме со Светска Банка во однос на финансирање на ифраструктурни и реформски проекти во нашата држава од страна на Светска Банка.

Тоа се клучните активности кои се случуваа накратко во текот на денешниот долг ден. Благодарност на целата наша делегација.“