Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница, донесе Одлука за започнување на постапка за избор на универзален снабдувач со електрична енергија. Изборот на универзален снабдувач е во согласност со Законот за енергетика, заради остварувањето на правото на домаќинствата и малите потрошувачи поврзани на електроенергетскиот систем на универзална услуга во снабдувањето со електрична енергија.
Универзалниот снабдувач ќе биде должен да врши снабдување со електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи кои се наоѓаат на подрачјето на кое има обврска да обезбеди универзална услуга и кои избрале да бидат снабдувани од него, во согласност со обврските утврдени со Законот за енергетика и правилата за снабдување. Универзалниот снабдувач, согласно законот, ќе биде должен да обезбеди универзална услуга за период не подолг од 5 години.
Во следниот период, ќе се подготвува тендерската документација и јавниот повик со цел заштита на интересите на граѓаните и малите потрошувачи.
Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата по однос на состојбата на кафеава мечка (Ursus arctos L.), дивеч под заштита кој е трајно забранет за лов и зголемениот обем на штета која овој дивеч ја причинува врз имотот и добрата на граѓаните на државава.
Владата ги задолжи надлежните институции да се преземат конкретни мерки во однос на усвоената Информација. Министерството за животна средина и просторно планирање во рок од 12 месеци треба да изработи акциски план за управување со кафеава мечка (Ursus arctos L.) за територијата на Република Северна Македонија.
Министерството за животна средина и просторно планирање е задолжено во рок од 3 месеци да направи анализа од регионот за формирање интервентен тим за крупни ѕверови и да ја информира Владата на Република Северна Македонија. Исто така, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со научни институции се задолжуваат во рок од 3 месеци да достават можни локации каде би можеле да се дислоцираат/префрлат кафеавите мечки.
Воедно, директорот на Центарот за управување со кризи е задолжен да ја организира координацијата на активностите на институциите во спроведување на мерките, да организира и спроведува контрола над нивната имплементација како и да предлага нови мерки покрај донесените и препорачани од надлежните институции за создавање на услови за намалување на појавата на кафеава мечка (Ursus arctos L.), во урбана средина.
Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница, усвои измени на Уредбата за начинот на пресметка на данокот на моторни возила и на износите потребни за пресметка на данокот на моторни возила поради потребата од примена на нова методологија за пресметување на износот на издувните гасови од моторните возила. Новата метода е во насока на заштита на животната средина, исполнување на обврските од потпишаниот Климатски договор од Париз за намалување на нето-емисијата на стакленички гасови, како и усогласување со најновите ЕУ стандарди.
Со пропишување на оваа метода, донесена во консултација и со стопанските комори во земјата, се овозможува новите патнички моторни возила да бидат соодветно оданочени, и тоа согласно вредностите на просечната емисија на CO² изразени во потврдата за сообразност за ЕУ одобрување на возилото (Certificate of conformity-COC) според WLTP методата.
Со примена на пропишаните коефициенти за пресметка на специфичната компонента за CO² на данокот на моторни возила, се предвидува зајакнато оданочување со данокот на моторни возила на најголемите загадувачи, а кои спаѓаат во категоријата на луксузни патнички возила или многу стари возила кои се најмалку еколошки од аспект на загадување на животната средина.
Согласно податоците со кои располага Царинската управа за увоз на патнички автомобили во земјава, новата Уредба нема да има негативно финансиско влијание кај купувачите на нови возила, освен за оние возила кои спаѓаат во категоријата на луксузни или т.н. премиум возила. Напротив, се очекува новата Уредба да изврши надолен притисок врз продажните цени на новите возила од ниска или средна класа.
Целта е поттикнување на граѓаните и компаниите да инвестираат во набавка на возила кои исполнуваат повисоки еколошки стандарди, без оглед дали станува збор за набавка на нови или половни возила, и со тоа придонес кон декарбонизација на транспортот во земјата и намалување на загадувањето на воздухот.