Димовски ги презентираше потенцијалите на македонското земјоделство пред бизнисмени од Индија

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски денеска ги презентира потенцијалите на македoнското стопанство пред претставници од мултинационалната компанија од Индија, која е главен застапник на Пепси во Индија, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Компанијата се занимава со флаширање газирани и негазирани пијалоци како и со производство и пакување на млеко и млечни производи. Нејзните претставници се во Македонија за детално да се запознаат со условите за инвестирање во млечната индустрија, откупно дистрибутивните центри, како и во преработувачката индустрија, во сушење на земјоделски производи, сечење и брзо замрзнување.

Министерот Димовски на средбата истакна дека Македонија е солиден произведувач на земјоделски производи. Бележиме континуиран пораст на производството и извозот на земјоделски производи. Поради поволните климатски и почвени услови, истакна министерот Димовски, во Македонија за разлика од другите земји во регионот се произведуваат раноградинарски производи кои се препознатливи и на Европските пазари, а тоа пред се се должи на строгата фитосанитарна контрола и на употребата на современи агротехнолошки мерки.

Министерот за земјоделство укажа и дека Македонија е голем произведители на јаболка, праски, кајсии и цреши, кои во најголем дел се извезуваат на пазарите на ЕУ, а во последните неколку години и на рускиот пазар каде се бележи зголемување на извозот за 260 проценти. - Во последниве години активно работиме и на подигнување на преработувачкиот сектор кој претставува катализатор за  вишокот земјоделски производи, а исто така и на отварање нови откупно дистрибутивни центри, кои се потребни кај нас, затоа што во Македонија земјоделските стопанства во просек се мали и немаат доволни количина за да излезат  сами на пазарот. Затоа ние како Влада и Министерство за земјоделство каниме компании кои би отвориле откупно дистрибутивни центри, а тоа е добро и за самите фармери бидејки ќе можат да го договорат и да го продадат своето производство,  истакна министерот.

Индиските бизнисмени пројавија интерес за млечната индустрија,  односно квалитетот на млекото и стандардите што треба да се исполнат за извоз.  Министерот Димовски појасни дека во Македонија квалитетот на млекото се испитува во три национални лабаратории, но и секоја млекара има своја лабораторија во која се испитува квалитетот на млекото. За да се извезува млеко во ЕУ, рече Димовски, треба да се исполнат многу високи стандарди, кои во Македонија ги исполнува само една млекарница. Квалитетот на македонското млеко е на високо ниво, а тоа пред се зависи од квалитетот на храната на животните.