Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во рамки на официјалната посета на Република Северна Македонија, одржаа прес-конференција, на која претходеше тет-а-тет средба на Ковачевски и Фон дер Лајен, и билатерален состанок на делегацијата на Владата на Република Северна Македонија и делегацијата на Европската Комисија.
Во продолжение е интегралната изјава на претседателот на Вадата, Ковачевски:
„ Почитувана претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен,
Почитувани членови на Владата,
Почитувани гости од Европската Комисија,
Почитувани медиуми и почитувани граѓани,
Денес имав чест да сум домаќин на претседателката на Европската Комисија, Фон дер Лајен, за која можам да кажам дека е еден од најголемите пријатели на Северна Македонија.
Почитувана Урсула, добредојдовте во Скопје, навистина ценам што тука се означува стартот на Вашата 4-дневна посета на регионот на Западен Балкан.
Претседателката Фон дер Лајен, секогаш кога е тука, доаѓа со конкретни исчекори и конкретни планови за приближување на земјата и регионот кон Европската Унија.
Таа беше тука минатата година, во октомври, кога го потпишавме договорот со ФРОНТЕКС, првиот договор помеѓу Европската комисија и Северна Македонија на македонски јазик, кој веќе се практикува на дело.
Денес дојде за да разговараме за конкретен План за раст за Западен Балкан со кој граѓаните и компаниите ќе можат да ги почувствуваат истите придобивки кои што ги имаат граѓаните на Европската Унија уште пред полноправното членство.
Овој План, ние го баравме од Европската Унија и затоа, тука, сакам да ѝ се заблагодарам на Претседателката за нејзината посветеност и нејзиниот тим кој работеа на подготовката на овој план за раст.
Сакам да ви се заблагодарам што имавте слух за нашите потребите и потребите на регионот, секако благодарност за Вашето лично и покажано лидерство по ова прашање.
Овој План, ќе даде нов, силен поттик на процесот на евроинтеграции. Процесот на евроинтеграции е процес кој е составен од две патеки, една е политичка, меѓутоа другата е економска бидејќи да не заборавиме ЕУ почива на политичка и на економска меѓу земјите членки.
Со неговата реализацијата која зависи и од ЕУ но пред се од нас, земјите од ЗБ двојно ќе го зголеми обемот на економијата на регионот и во земјата преку зголемена економска соработка.
Со воспоставувањето и зајакнувањето на воспоставениот регионален пазар нашите економии ќе пораснат за околу 10%.
А со отворањето на вратата кон единствениот европски пазар, како што е предвидено со овој План, можностите се навистина огромни. Би сакал да наведам дел од придобивките а тоа се:
- Можност за отворање на пазарот на ЕУ за македонски производи со кои се елиминираат трговските бариери
- Ќе се зголемени опфатот на производи за бесцарински увоз и извоз
- Се скратува времето за чекање на границите
- Се намалуваат трошоците за транспорт
- Се овозможува непречено движење на услуги во делот на е-трговијата
- Се признаваат квалификациите на професионалците, и се зголемува квалитетот и на образованието. Ние веќе и потпишавме договори во рамки на Берлинскиот процес со кој опфативме 7 професии, но тоа ќе се проширува и ќе се отвораат нови можности и пристап до едукација под европски услови и стандарди
- Се намалуваат трошоците за безготовински прекугранични плаќања
- Се либерализира транспортот односно патниот сообраќај
- Се отвораат дополнителни можности за развој и учество во процесите на енергетската трансформација на Европа. Ние се стремиме да бидеме енергетски независна земја, со огромен потенцијал за инвестиции во обновлива енергија. Веќе ја поставивме земјата на тој пат, работиме да станеме зелен енергетски центар на Европа, а сега ќе имаме можност и да бидеме активни чинители во енергетската транзиција на Европа со оглед на тоа што веќе учествуваме во работата на европската енергетска заедница. Ќе можеме вистински да се потпреме на нашите европски пријатели и во однос на енергенсите, но и заедно со сите земји од ЕУ да одлучуваме за енергетската иднината на Европа од која што и ние сме дел
- И да не заборавиме, се намалуваат цените во роаминг, и тоа и за повици и пораки, што ќе биде следниот чекор, а не само за дата трансфер. Таа придобивка ние земјите од Западен Балкан веќе и ја користиме меѓу себе, и веќе е јасно колку е тоа важно и за граѓаните и за компаниите.
За сето ова потребно е продолжување со реформските процеси кои се пред нас, за кои имаме и политичка волја и знаење и капацитет да ги исполниме. Тоа и го докажавме низ успешниот процес на скрининг кој се одвива со ЕУ, кој е работен од страна на наши експерти, вработени во нашите министерства и за кои имаме пофални зборови од Европската Комисија. Преземаме конкретни активности, ги отвораме вратите пред нас врз база на заслуги и чекориме напред на евроинтеграцискиот пат.
На истиот начин планираме и да работиме со цел максимално искористување на средствата кои ќе бидат достапни преку овој План за раст - планирани се 2 милијарди евра во грантови за земјите од ЗБ кои ќе повлечат 4 милијарди евра во заеми за стратешки проекти кои што ќе го подобрат животот на граѓаните и работењето на компаниите а секако и инфраструктурата за поврзувањето на земјите од Западен Балкан.
Непобитен факт е дека евроинтеграциите се многу важни за економскиот развој на државата бидејќи овозможуваат пристап до финансиски средства.
Од независноста до денес, финансиската поддршка на ЕУ се проценува на над 3,3 милијарди евра – грантови и макрофинансиска поддршка, средства кои ни овозможиле развој.
Во моментов има повеќе тековни линии на средства.
Тука морам да го споменам и речиси целосното искористување на ИПАРД 2, со што е зголемен пакетот за ИПАРД 3 на 97 милиони евра кои нашите граѓани односно нашите компании се први во регионот кој почнаа да ги користат.
Исто така, треба да се споменат и средствата планирани преку ИПА 3 инструментот, но и средствата кои ни се на располагање преку Инвестицискиот фонд за Западен Балкан во кој има проектирани 9 милијарди евра за инвестиции до 2027, кои треба да повлечат дополнителни 20 милијарди евра за поволни заеми од меѓународните финансиски институции. Тука пред се мислам на големите инфраструктурни проекти кои се однесуваат на железничко поврзување на коридорите со соседните земји. На гасното поврзување со Грција до новите ЛНГ терминали и слични големи инфраструктурни проекти. Овие средства се наменети за големи стратешки инвестиции кои претставуваат влог во подобра иднина на земјата и регионот.
Нашата евроатланска ориентација како Влада носи резултати и за земјата и за компаниите и за граѓаните.
Поради стабилниот безбедносен амбиент по членството во НАТО, инвеститорите веќе ја препознаваат нашата земја, како добра дестинација.
Странските директни инвестиции, во 2022, изнесуваа речиси 754 милиони евра. Двојно повеќе од 2016 година.
Инвестициите во ТИРЗ заклучно со 2023, изнесуваат 2 милијарди евра наспроти 600 милиони евра во 2016та, акумулативно.
Овие е показател дека европскиот пат, е правилниот пат. Со членството во ЕУ резултатите ќе бидат уште подобри. Тоа го покажуваат и анализите меѓутоа и искуствата за земјите пред и по влезот во ЕУ.
Во однос на странските директни инвестиции, тие во просек се зголемиле за 28%, и тоа во првите 5 години од членството во Унијата. Чешка, од 5,5 милијарди, денес има речиси 8 милијарди долари инвестиции. Романија од 5,4 милијарди долари има на 7 милијарди евра. Најкарактеристичен е примерот на Малта, која е островска држава која имал 400 милиони годишно кога не била членка на ЕУ, пет години по членството има 21 милијарди долари странски директни инвестиции.
Воедно, анализите покажуваат дека средствата од европските фондови се за 11 пати поголеми за една земја членка од средствата достапни за земјите кандидати.
Токму затоа, велам дека Планот за раст доаѓа во вистински момент, и носи пред сѐ можност за економски развој, а крајно е добар и за животниот стандард на граѓаните. За ваков план за раст, за вакви идеи разговараа и други политичари во нашата држава, па дури и поранешни претседатели ги слушав на трибини што секако дека е за поздравување со оглед на тоа што сега разговараме за конкретна реализација и отпочнување на активности во овој дел.
Европската иднина, европскиот начин на живот е желба на граѓаните. Тоа е вистина и денес, исто како што беше вистина и во 91ва и во 2016та година. После повеќе од децениски застој и активно и системско уназадување на сите демократски процеси кои ја донесоа земјата до статусот заробена држава, денес, само шест години подоцна, ние сме држава членка на НАТО, со отпочнати преговори со ЕУ, кога само пред година и половина голем број на граѓани се прашуваа дали Северна Македонија може да ги отпочне преговорите и дали може да има преговарачка рамка, да, тоа може да се направи и дека по 17 години Северна Македонија може да ги отпочне преговорите со ЕУ.
Ние имаме Влада која е отчетна и транспарентна која овозможи земјата да биде на 38 место во однос на слободата на медиумите и , наспроти 118то место во 2016. Земја во која социјалната правда е основен принцип на кој се работи и кој резултира со 100% повисока минимална плата, 40% покачени пензии за само неколку години, просечна плата која е веќе над 600 евра, нешто што до пред некоја година беше практично незамисливо за нашите граѓани.
Секако дека ни останува уште многу работа, за тоа сме свесни, но јас често велам, - со напорна работа, нема недостижна цел. Верувам дека оваа земја и нашите граѓани, можат многу повеќе и подобро и дека ќе направат сѐ за својата европска иднина. За европската иднина на денешните и идните генерации.
И затоа сум уверен дека членството во ЕУ до 2030 година е амбициозна, но остварлива цел. На Северна Македонија ѝ е потребна интеграција, а не изолација каква што гледавме во минатото. Патот до ЕУ не е лесен, но мора да се изоди. Затоа што на крајот на тој пат е големата награда а тоа е полноправно членство во ЕУ, членство во Унија на најразвиените, најбогатите држави во кои економски просперитет, социјална правда и врвно владеењето на демократијата и правото. Нашите граѓани, идните генерации ќе живеат во ЕУ, горди што се Македонци, со крената глава, со македонски јазик, со македонски идентитет, но она што е најважно, побогати и со подобар стандард од тоа што го имаат сега.
Ви благодарам.“