Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во рамките на работната посета на Париз, се сретна со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан.
Ова е прва средба на Премиерот со новоименуваниот Помошник државен секретар, кој стапи на должност минатиот месец. На средбата, Ковачевски и О’Брајан го реафирмираа значењето на цврстото стратешко партнерство помеѓу Северна Македонија и САД. Покрај билатералните односи, на средбата се разговараше и за други актуелни теми за регионот и пошироко.
Премиерот Ковачевски го запозна помошникот секретар О'Брајан со најновите внатрешно-политички случувања во Северна Македонија и надворешно-политичките приоритети на Владата.
Беше потврдена важноста на Северна Македонија како фактор на стабилност и безбедност во регионот, и споделена неопходноста за непречено продолжување на патот на нејзиното европско интегрирање, што е во интерес и на САД.
Помошникот државен секретар О’Брајан го реафирмира ставот дека САД ги гледаат како природни партнери оние кои се посветени на европската интеграција, НАТО и зајакнувањето на демократијата. Го поздрави досега постигнатиот напредок на земјата во повеќе области и изрази очекување земјата да продолжи на патот на прогресот.