Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и Генералниот секртар на НАТО, Јенс Столтенберг, во рамки на официјалната посета на Северна Македонија, одржаа заедничка прес-конференција. На прес-конференцијата беше потенцирана улогата на Северна Македонија како фактор на стабилност во регионот, но и беше посочено дека евроинтеграција на земјата мора да продолжи.
Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„ Чест ми е што денеска сум домаќин на големиот пријател на Северна Македонија, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Драг Јенс, добредојде во Скопје, овој пат, на наше обострано задоволство со оглед на тоа што ова е прва посета на генералниот секретар на НАТО во Северна Македонија како полноправна земја членка на НАТО - Алијансата.
Денес разговаравме за Алијансата, за евро-атланската интеграција на земјата и на регионот но и за светската безбедност и мир како и за најзначајните случувања кои се случуваат во нашиот регион, во Украина и во појасот Газа.
Но пред се, да се биде дел од НАТО значи безбедност, просперитет и сигурност на земја и на граѓаните. Токму затоа Северна Македонија продолжува да ги вложува сите капацитети во јакнење и задржување на статусот на сојузник од доверба во Алијансата.
Како една од помладите членки, се посветивме сериозно и ја достигнавме најбрзата воена интеграција од било која претходна земја членка која се придружила на Алијансата. Изминатава година особен фокус ставивме на нашето јакнење во справувањето со хибридните закани и сајбер одбраната, за што морам да се заблагодарам на МО и на МВР кои што во соработка со НАТО ја имаат целосната поддршка од нашите сојузници во овие големи предизвици кои ги имавме на почетокот на годината.
За некој месец ги достигнуваме и зацртаните 2% од БДП кои ги одлучивме на годишнешниот Самит во Вилнус, каде воедно и го договоривме и најробусниот план за одбрана на НАТО.
Продолжуваме и со нашиот придонес во мисиите на НАТО во Косово и во Ирак и во борбените групи на НАТО во Летонија, Романија и Бугарија.
Со нашата обединетост како сојузници докажуваме дека Алијансата е посилна и побројна од кога било досега и тоа во годината која донесе најголем предизвик за алијансата од нејзиното основање.
Продолжиме и со нашата силна поддршка на Украина во борбата за својата слобода и мир за својот народ, а против ужасите кои Руската воена агресија се уште ги предизвикува на територијата во Украина.
Со иста посветеност продолжуваме да дејствуваме како фактор на стабилност во регионот по што сме и со право препознаени. Безбедноста на Западен Балкан, и враќањето на дипломатијата како основен конструктивен начин за градење и развивање на добрососедските односи е духот за кој се залагаме.
Стабилноста на регионот е исклучително и суштински важна и тоа повеќе од кога било досега. Токму затоа наш приоритет е евро-атланската интеграција. Пред сѐ на Северна Македонија но и на регионот. Не смееме да имаме пречки и кочници на тој пат, и ќе направиме сѐ што е потребно за да го исчекориме до крај. Сѐ до нашето членство во Европската Унија до 2030 година.
Залагањето за безбедноста, мирот и поквалитетен живот на нашите граѓани не може и не смее да биде попречено од политички калкулации на деструктивни политичари.
Сите сме сведоци колкава е разликата откако станавме членка на НАТО. Северна Македонија пред сѐ рамноправно и секако активно учествува и одлучува за регионалната, европската и глобалната безбедност. Но, членството во НАТО за нас значи и економски развој.
Со стабилноста и безбедноста обезбедена со членството во НАТО, Северна Македонија е препознаена и признаена од инвеститорите како добра дестинација и тоа го потврдуваат најдобро бројките во однос на странските директни инвестиции, во однос на зголемениот број на вработени, зголемена просечна плата која денес е објавена дека е највисока во историјата на државата и намалениот број на невработени лица.
Токму затоа европскиот пат е вистинскиот пат исто како и интеграцијата во НАТО што беше вистинска интеграција за државата пред 3 години. Нашите граѓани заслужуваат да се дел од Унија на најразвиените, најбогатите држави, со кои ќе достигнеме економски напредок, но и социјална правда и врвно владеење на демократијата и врно владеење на правото.
А дека ќе има развој ако останеме на овој пат, покажуваат и анализите и искуствата за земјите пред и по влезот во ЕУ.
На овој европски пат, секоја поддршка е добредојдена и посакувана. И тука, сакам на Генералниот секретар на НАТО лично да му се заблагодарам за неговата силна заложба за евро-атланската интеграција на Северна Македонија и на Западниот Балкан во целост.
Една стратешка цел со НАТО е исполнета. Верувам дека со ваша и со помош на нашите пријатели од евроатланската заедница ќе успееме да ја исполниме и втората стратешка цел, членството во ЕУ, и да ги исполниме барањата и очекувањата на граѓаните за подобар, попросперитетен и побогат живот.
Сакам да се заблагодарам за исклучително добрата соработка со ген-секот на НАТО, со неговите помошници со кои дел имаме и тука присутни денес со нас. Успеавме со нив да совладаме голем број на предизвици во текот на изминатите години, изминатите 3 години од кои 2 бев јас претседател на Влада и соработуваме исклучително успешно. Можам да дадам само позитивни зборови за понекогаш дневната комуникација која ја имаме со генералниот секретар и секако на ниво на министри за одбрана и министри за надворешни работи кои учествуваат на состаноците во НАТО на ниво на министерски состаноци за одбрана и надворешни работи.
Благодарам и на нашиот амбасадор Дане Талески кој е амбасадор на мисијата во НАТО кој на високо ниво ја извршува својата задача во Брисел.
Ви благодарам!“