Ковачевски во Брисел: ЕУ е нашиот најголем економски партнер, по завршувањето на скринингот, продолжувањето на европскиот пат ќе донесе интензивиран економски развој

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска во рамки на работната посета на Брисел, се обрати и ја отвори последната сесија од скрининг процесот на Северна Македонија, посветена на Кластер 6 кој ги опфаќа: поглавјето 30 – надворешни односи и поглавјето 31 – заедничка, надворешна и безбедносна политика.

На сесијата присуствуваа и заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, претставници од Секретаријатот за европски прашања, Министерството за економија како и претставници од сите други релевантни национални институции вклучувајќи ги Министерството за надворешни работи, Министерството за финансии, Министерството за животна средина и просторно планирање, Царинската управа,  и Бирото за јавни набавки.

Поглавје 30 се фокусира на заедничката трговска политика кон трети земји базирана на мултилатерални и билатерални договори и автономни мерки со цел постигнување правичен меѓународен систем за трговија кој ќе придонесе кон постигнувањето одржлив економски раст и обезбедувањето сеопфатен економски развој на среден и долг рок.

Ова поглавје исто така ги вклучува и правилата на ЕУ во полето на хуманитарна помош и развојна политика. Претседателот на Владата, Ковачевски во своето излагање истакна дека Северна Македонија нема да бара преодни периоди, туку во целост ќе го прифати правото на ЕУ.

„Ќе се фокусираме на тоа да ги усогласиме нашите трговски политики со ЕУ во рамките на Светската трговска организација и ќе продолжиме да ги спроведуваме правилата на ЕУ во врска со контролата на извозот со двојна намена, извозните кредити, инвестициите и инструментите за трговска заштита во нашите национални правни и институционални рамки“, истакна Ковачевски.

Во поглавјето 30 опфатени се неколку клучни области, како мултилатерална и билатерална рамка на заедничката трговска политика, трговски специфични правила, договори за оцена на сообразност, инструменти за трговска одбрана, инструменти за надворешна политика, како и како развојна политика и хуманитарна помош. Ковачевски истакна дека Северна Македонија има највисок степен на трговска отвореност во регионот на Западен Балкан што во 2022 година достигна 171%.

„Изгледите за надворешна трговија на Северна Македонија се мошне поврзани и тоа се’ повеќе со Европската Унија, бидејќи таа е наш најголем трговски партнер.  Трговијата со ЕУ достигна 60% од вкупната трговија изминатата година и 86% од вкупниот број на сите преференцијални договори што Северна Македонија ги применува на билатерална и мултилатерална основа.  Остатокот од 14% трговија без никакви преференции.  Освен тоа, ЕУ е најважниот инвеститор во Северна Македонија и има удел во 65% од вкупниот број на странски директни инвестиции на крајот на 2022 година“, рече премиерот.

Во однос на трговската политика, Северна Македонија е поддржувач на мултилатералниот трговски систем заснован на правила во Светската трговска организација, со кој обезбедуваме поголема сигурност во трговските односи како мала земја и кој придонесува за промовирање на отворената трговија и повисок економски раст. Премиерот Ковачевски истакна во земјава во процес е ратификација на Референтниот документ за домашна регулатива за услуги и Договорот за субвенции за рибарството. На  30 октомври оваа година, Северна Македонија стана членка на Договорот за јавни набавки во СТО.

„Во однос на рамката на развојната политика, Владата ги прифати Агендата 2030 и целите за одржлив развој во националниот стратешки план, кои се усогласени со Рамката за соработка на Обединетите нации за одржлив развој 2021 – 2025 година и поглавјата на ЕУ во процесот на пристапување во ЕУ. Анализирајќи ги политиките на ЕУ во рамките на Новата агенда за Медитеранот, Северна Македонија стана полноправна членка на Унијата за Медитеранот во ноември минатата година, што е важен политички чин, насочен кон стимулирање на соработката и дијалогот во евро-медитеранскиот регион“ рече Ковачевски.

Говорејќи за усогласување на законската регулатива на Северна Македонија со законодавството на ЕУ кое е обврзувачко за транспонирање во националното законодавство, премиерот истакна дека веќе се работи на измени и нова реулатива во неколку области.

„Министерството за економија веќе ја пренесе регулативата на шемата за сертификација на Кимберли процесот за меѓународната трговија со необработени дијаманти и во моментов подготвува два предлог-закони во областа на спречување на смртна казна и тортура и контрола на извозот на стоки со двојна употреба. Двата предлог-закони се очекува да влезат во сила до крајот на 2024 година. Понатаму, Министерството за надворешни работи усогласувајќи се со хуманитарната политика подготви Закон за меѓународна развојна соработка и хуманитарна помош во странство, кој треба да биде донесен до 2025 година. Овој закон предвидува многу важни чекори за изработка на методологија, стратегија и акциски план до 2030 година“,рече Ковачевски.

Со затворањето на овие поглавја скрининг процесот за Република Северна Македонија ќе биде официјално завршен.Процесот на скрининг започна на 15 септември 2022 и се одвиваше успешно и според утврдената динамика. Досега се одржани објаснувачки и билатерални состаноци, за сите 33 поглавја поделени во 6 кластери.

Во овој период од 15 месеци и скоро 100 работни денови во Брисел, беа одржани 850 презентации, а во процесот учествуваа 206 различни институции и приближно 1000 учесници. Успешноста и навременоста на процесит е потврдена со извештајот на Европската Комисија која пак констатираше дека имаме солидно ниво на усогласеност.

По завршувањето на процесот на скриниг следуваат и патоказите, кои се наша обврска која произлегува од Преговарачката рамка, кои пак се услов за отворање на првиот кластер. Тоа се патоказите за владеење на правото, за реформа на јавната администрација и за функционирањето на демократските институции, како и Акцискиот план за заштитата на припадниците на малцинствата и заедниците.


Поздравно обраќање од ПВРСМ Ковачевски до учесниците на скрининг состаноците во Конгресен Центар „Алберт Боршет“- 6 декември , 2023 година

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска во рамки на работната посета на Брисел, се обрати и ја отвори последната сесија од скрининг процесот на Северна Македонија, посветена на Кластер 6 кој ги опфаќа: поглавјето 30 – надворешни односи и поглавјето 31 – заедничка, надворешна и безбедносна политика.

Обраќањето на премиерот во целост:

„Почитуван г. Јорна, 

Почитуван г.Копман,

Почитувани претставници од Европската комисија, 

Почитувани претставници од националните институции на Северна Македонија, колеги од Владата, 

Задоволство ми е да ја предводам делегацијата на Северна Македонија на овој билатерален скрининг за поглавјето 30, надворешни односи, што е дел од Кластерот 6 - надворешни односи. 

Со нетрпение очекуваме да продолжиме со позитивната динамика на нашиот евроинтеграциски пат. Изминатата година за нас беше успешна година, а таа започна со усвојувањето на Преговарачката рамка на 18 јули и организирањето на Првата меѓувладина конференција на 19 јули 2022 година.  Денес и утре се надеваме дека ќе затвориме уште една исклучително успешна година за нас со завршувањето на билатералниот скрининг за сите преговарачки поглавја. 

Поглавје 30 се фокусира на заедничката трговска политика кон трети земји базирана на мултилатерални и билатерални договори и автономни мерки со цел постигнување правичен меѓународен систем за трговија кој ќе придонесе кон постигнувањето одржлив економски раст и обезбедувањето сеопфатен економски развој на среден и долг рок.  Ова поглавје исто така ги вклучува и правилата на ЕУ во полето на хуманитарна помош и развојна политика.  

Би сакал да потенцирам дека немаме намера да бараме отстапки, ниту преодни периоди во ова поглавје, односно, го прифаќаме правото на ЕУ, во однос на ова поглавје, во целост. 

Ќе се фокусираме на тоа да ги усогласиме нашите трговски политики со ЕУ во рамките на Светската трговска организација и ќе продолжиме да ги спроведуваме правилата на ЕУ во врска со контролата на извозот со двојна намена, извозните кредити, инвестициите и инструментите за трговска заштита во нашите национални правни и институционални рамки. 

Денеска со нас имаме претставници од Работната група предводена од Министерството за економија и претставници од сите други релевантни национални институции вклучувајќи ги Министерството за финансии, Министерството за надворешни работи, Кабинетот на вицепремиерот задолжен за економски прашања, Царинската управа, Министерството за животна средина и просторно планирање и Бирото за јавни набавки, кое ќе ги опфати сите области кои се клучни за ова поглавје, вклучувајќи мултилатерална и билатерална рамка на заедничката трговска политика, трговски специфични правила, договори за оцена на сообразност, инструменти за трговска одбрана, инструменти за надворешна политика, како и како развојна политика и хуманитарна помош. Уверен сум дека дури и да не бев Премиер, повторно ќе се најдев на масава, бидејќи ова е област што ми е особено блиска. 

Во последниот Извештај од Европската комисија за Северна Македонија за 2023 година, Комисијата забележа дека земјата е умерено подготвена во областа на надворешните односи и дека во текот на извештајниот период е постигнат одреден напредок.  Исто така, би сакал да потенцирам дека Северна Македонија има највисок степен на трговска отвореност во регионот на Западен Балкан што во 2022 година достигна 171%. 

Изгледите за надворешна трговија на Северна Македонија се мошне поврзани и тоа се’ повеќе со Европската Унија, бидејќи таа е наш најголем трговски партнер.  Трговијата со ЕУ достигна 60% од вкупната трговија изминатата година и 86% од вкупниот број на сите преференцијални договори што Северна Македонија ги применува на билатерална и мултилатерална основа.  

Остатокот од 14% трговија без никакви преференции.  Освен тоа, ЕУ е најважниот инвеститор во Северна Македонија и има удел во 65% од вкупниот број на странски директни инвестиции на крајот на 2022 година. 

Во однос на трговската политика, Северна Македонија е поддржувач на мултилатералниот трговски систем заснован на правила во Светската трговска организација, со кој обезбедуваме поголема сигурност во трговските односи како мала земја и кој придонесува за промовирање на отворената трговија и повисок економски раст. 

Следејќи го својот приоритет, Северна Македонија е во процес на ратификација на Референтниот документ за домашна регулатива за услуги и Договорот за субвенции за рибарството. На 30 октомври оваа година, Северна Македонија стана членка на Договорот за јавни набавки во Светската трговска организација.

Во однос на инвестициската политика, во тек се две главни активности. Во април оваа година беше подготвен и доставен за коментари до Европската комисија нов модел на билатерален договор за инвестиции.  Понатаму, за заштита на странските инвестиции и со цел формирање на национален механизам за скрининг на директни странски инвестиции, Владата формираше работна група за подготовка на закон во согласност со регулативата на ЕУ за скрининг механизми за инвестиции. 

Во однос на рамката на развојната политика, Владата ги прифати Агендата 20-30 и целите за одржлив развој во националниот стратешки план, кои се усогласени со Рамката за соработка на Обединетите нации за одржлив развој 2021 – 2025 година и поглавјата на ЕУ во процесот на пристапување во ЕУ.

Анализирајќи ги политиките на ЕУ во рамките на Новата агенда за Медитеранот, Северна Македонија стана полноправна членка на Унијата за Медитеранот во ноември минатата година, што е важен политички чин, насочен кон стимулирање на соработката и дијалогот во евро-медитеранскиот регион.

Почитувајќи го законодавството на ЕУ кое е обврзувачко за транспонирање во националното законодавство, дозволете ми да ве информирам дека Министерството за економија веќе ја пренесе регулативата на шемата за сертификација на Кимберли процесот за меѓународната трговија со необработени дијаманти и во моментов подготвува два предлог-закони во областа на спречување на смртна казна и тортура и контрола на извозот на стоки со двојна употреба. 

Двата предлог-закони се очекува да влезат во сила до крајот на 2024 година. Понатаму, Министерството за надворешни работи усогласувајќи се со хуманитарната политика подготви Закон за меѓународна развојна соработка и хуманитарна помош во странство, кој треба да биде донесен до 2025 година. Овој закон предвидува многу важни чекори за изработка на методологија, стратегија и акциски план до 2030 година.

Софтверот за е-лиценцирање е применлив за лиценци за двојна употреба, на интраоперативна основа. 

Рестриктивните мерки кои се однесуваат на забрана за извоз и увоз на трговски стоки, вклучително и стратешки стоки, како што се стоки и технологии со двојна употреба и воена опрема, редовно се ажурираат и може да се најдат на веб-страницата на Министерството за економија.

Пред да завршам, сакам да потенцирам две многу важни работи. Првата е дека на сите посакувам успешна и плодна средба. Се надевам дека од денес со заеднички сили ќе се справиме со сите предизвици и ќе ги постигнеме целите на трговската политика кон членството во ЕУ.

Второ, на крај и не помалку важно е дека соработката во сите области е клучна за напредок како регионалната така и меѓународна соработка и се клучни во сите области, не само во економијата, не само во трговијата, не само во инвестициите туку и посебно во борбата против криминалот и спроведувањето на законите кое беше покажано и преку вчерашното успешно расчистување на грозоморното двојно убиство што ја потресе Република Северна Македонија, регионот но и меѓународната јавност. 
МВР, ОЈО поднесе кривична пријава против 5 лица, од кои еден е осомничен за грабнување и убиство, тројца за грабнување и соизвршителство околу убиство и еден за помагање за грабнување, предвидени со нашиот кривичен законик, што согласно доказите кои полицијата ги прибра во предистражаната постапка. 

Вчеравечер нашиот МВР Спасовски, доби известување од колегите од Р.Турција дека креаторот и директниот извршител на злосторството е фатен и е лишен од слобода на нивна територија, согласно оперативните сознанија кои ги имаше нашата полиција за патеката на движење на осомничениот откако ден претходни, на 04.12.2023 беше распишана итна меѓународна потерница од страна на ИНТЕРПОЛ. 

Токму за успешната партнерска соработка сакам да упатам посебна благодарност до Р.Турција, до Р.Србија и Р.Бугарија на чии територии одеше патеката на движење на осомничениот и со кои секојдневно комунициравме. Но, и на Р.Хрватска која самоиницијативно изврши проверка на нивна територија и не извести. 

Секако посебна благодарност и досегашната одлична соработка во рамките на ИНТЕРПОЛ. 

Ова беше уште еден успешен пример дека само со блиска, заедничка соработка може да очекуваме успешни резултати на секое поле. 

Ви благодарам за сета досегашна соработка, поддршка која Северна Македонија ја има во изминатите 32 години, во својот развој, во развојот на демократско општество, во развојот на економијата, во обезбедување на социјална сигурност и ве уверувам дека оваа Влада предводена од мене ќе направи се овој евроинтеграциски пат на Северна Македонија да продолжи и заедно со граѓаните и заедно со вас во 2030 година да прославиме полноправно членство на Република Северна Македонија во Европската Унија. 

Ви благодарам.“