Презентиран новиот систем за управување со учење на јавната администрација

Нов систем за управување со учење на јавната администрација, како и продолжување на искористувањето на новите технологии со цел таа да биде навремено и постојано образована, за да може да ги задоволи ефикасно и ефективно барањата на граѓаните, се новите иновативни мерки за реформа во администрацијата во Македонија на централно така и на локално ниво кои денеска на прес-конференција ги презентираше министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

Укажувајќи на потребата од воведување на системот, рече дека класичниот модел на организирање на обуки за вработените одзема значително време и ресурси, како материјални така и човечки.

- Системот за управување со учење, како модел дозволува навременост и зголемување на опфатот на обуката, притоа не намалувајќи го квалитетот. Истовремено системот овозможува евалуација и следење на резултатите во сите фази на обуката без притоа да одзема многу време. Обуките ќе станат многу подостапни до сите службеници вработени во администрацијата, а воедно потребите и можностите за испорака не ќе имаат голема разлика, посочи Ивановски.

Во врска со предностите од воведување на системот за организациите, тој појасни дека ќе има заштеда на време, нема изостанување од работното место и пониски трошоци од класичниот тип на обука.

- Можноста за користење на формите на е-учење во системот, дозволува значително намалување на времето потребно за обука, со самиот факт што учесниците ќе може да ја добијат обуката на самото работно место или по своја инцијатива вон работно време. Со ова се намалуваат скриените трошоци од обуката како што е отсуството на вработените од процесот на работа. Институција од каде што вработениот се испраќа на обука нема да биде толку ефикасна бидејќи ќе имаат дефицит на вработени додека трае обуката, рече Ивановски.

Тој нагласи дека постои и намалување на трошоците на организациите кои се поврзани со испорачување на обуката преку заштеда на средства за изнајмување на простор, печатење и копирање на материјали, оброци за учесниците и слично.

Системот ја прави содржината за учење достапна на секој еден корисник 24/7 од било која веб локација која има интернет пристап. Притоа, повеќе корисници истовремено можат да имаат пристап до СУУ.

Во секое време, посочи Ивановски, се овозможува корисниците лесно да изберат модули за обука по мерка, се обезбедува еднаков квалитет на обука за сите, а кога се дизајнираат и развиваат модулите, се изработуваат на тој начин што може да бидат употребливи за најширок круг на корисници.

- Организациите можат да ги чуваат материјалите за обука онлајн и да ги следат и анализираат резултатите од учењето онлајн. СУУ им осигурува на организациите дека ќе бидат способни за брзо распоредување на новостите и ќе имаат пристап до податоците за учење. Организациите кои го користат овој систем имаат можност да го следат процесот на учење на своите вработени и напредокот кој го постигнале и лесно може да ги идентификуваат слабите страни на институцијата и да превземат активности за подобрување во тие области, потенцира Ивановски.

Тој истакна дека достапноста на овој систем им овозможува на корисниците да ја завршат обуката во кое било време, независно дали се наоѓаат на своето работно  место, дома или на било кое друго место кое им е погодно за учење, а содржината на учење ја прилагодуваат на своите потреби и во секое време им се овозможува лесно да изберат модули за обука по мерка.

Квалитетот на предавачите, како што рече, не се ограничува во зависност од располагањето со соодветен простор, туку ги надминува просторните ограничувања и овозможува флексибилност и достапност насекаде.

- Наставата која ќе ја одржува предавачот може да ја следат безброј корисници на обуката иако физички  тие нема да бидат присутни во една иста училница, туку ќе се следи од т.н. виртуелна училница. Предавачите можат со само едно кликнување на маусот да извршат многубројни организациски задачи. Ова се новини кои што се потребни за сериозна реформа во системот на обуки на администрацијата, посочи Ивановски.

Сега е вистинско време, истакна тој, да се почне со овој проект кој што постојано ќе се надградува и ќе биде двигател за развојот на компетенциите што ќе се бараат за напредокот во администрацијта според донесената методологија за компетенции на Владата.

- Во прва фаза ќе се набави системот за управување и поголем број на електронски содржини кои што сега се користат во класичната обука на администрацијата, додаде Ивановски.

Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека за почеток се обезбедени 150.000 евра за самиот систем, а после тоа во зависност од развојот на содржините кои ќе бидат побарани ќе спроведат дополнителни набавки.  

Нагласи дека воведуваат вакви системи за да ги мотивираат сите во администрацијата за да можат да прераснат во услужно ориентирана администрација и да има задоволни граѓани.

- Мотивацијата ќе биде со методологијата за компетенции со воведување на системот на микро учење кој неодамна го промовиравме и е во фаза на реализирање, рече Ивановски одговарајќи на новинарско прашање.