Вицепремиерот Џафери во посета на Кралството Данска

Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија Муса Џафери денеска претстојува во работна посета  на Кралството Данска каде што оствари средби со владини претставници, а ќе учествува и на конференција организирана од „Dialog Forum”.

Како што соопшти Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор при Владата на РМ, Џафери се сретна со министерот за трговија и инвестиции Пиа Осен Дир и со државниот секретар на Министерството за надворешни работи, Мајкл Зимер Џонс.

Соговорниците констатираа дека односите меѓу двете земји се добри и изразија подготвеност за интензивирање на соработката во иднина. Џафери ги информираше за приоритетите на Македонија, нејзината надворешна политика, за процесот на интеграцијата и очекувањата од пристапниот дијалог што почна помеѓу Македонија и ЕУ.

Вицепремиерот потенцираше дека приоритет на Македонија останува зачленувањето во НАТО и во Европската унија и оти земјата продолжува со примената на потребните реформите.

- Во исполнувањето на оваа цел потребно е и надминување на последната бариера, решавањето на спорот со името со Грција. На овој пат важна улога има и Рамковниот договор, документ кој ги постави основите на една мултиетничка држава и го отвори патот за интеграција на земјата во евроатлантските интеграции, истакна вицепремиерот Џафери.

Тој се осврна и на реформите што ги прави Владата во економскиот развој и за привлекување странски инвестиции.

Данските преставници изразија поддршка за евроатлантските интеграции на Македонија.

Министерот за трговија и инвестиции нагласи дека Данска како претседавач на ЕУ се залага за проширување со прием на нови земји. Таа рече дека ќе се ангажира за продлабочување на економската соработката помеѓу двете земји.

Џафери, исто така, оствари средба и со претседателот за надворешна политика на Либералната партија во Парламентот на Данска, Јакоб  Елеман Јенсен.

Во Копенхаген тој го посети Парламентарното собрание на ОБСЕ каде што беше примен од помошникот на генералниот секретар на Собранието, Густав Паларес Родригес и Тина Шоен.

На оваа средба Џафери ја оцени високо улогата на ОБСЕ во Македонија и истакна дека Владата на РМ, односно Секретаријатот за имплементација на Рамковниот догово,  има одличка соработка со оваа организација.

Високи официјални претставници на ОБСЕ го поканија вицепремиерот да учествува на следниот состанок на Собранието што ќе се одржи во Тирана.

Вицепремиерот Џафери попладнево ќе се обрати на конференцијата организирана од „Dialog Forum“ и ќе оствари други средби со  официјални лица.