Влада: Обезбедени вработувања на 1.117 лица, приоритетен кадар во здравството, создаваме услови за врвно здравство

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за здравство, Фатмир Меџити и министерот за финансии, Фатмир Бесими одржа прес-конференција на која соопшти дека на денешната владина седница е донесена одлука за одобрување на вработување на неопределено време во јавните здравствени установи во земјата.

„На денешната владина седница, донесовме одлука за одобрување на вработување на неопределено време во јавните здравствени установи во земјата и тоа за вкупно 1.117 лица. Се работи за работни места за кои здравствените установи имаат доставено податоци за вработување на приоритетен кадар. Како Влада покажавме дека заеднички и посветено работиме на подобрување на животот на граѓаните и посветуваме внимание на клучните теми. Луѓето се нашата најголема предност, нашата најголема вредност. Тие имаат знаење, имаат капацитет, тие се вредни и токму затоа и одлуките како оваа денес ме прават исклучително задоволен. Нашите доктори докажаа дека можат да изведуваат софистицирани операции тука во нашата држава, од најсложени операции до трансплантации кои што во минатото ги немало. И затоа сите оние млади доктори кои што работат во моментов под договор ќе можат да го продолжат свое работење во јавните здравствени установи и да го надополнуваат својот, меѓутоа и здравствениот капацитет на државата“, изјави премиерот Ковачевски, на денешната прес-конференција, додавајќи дека овие одлуки се континуитет на одлуките во здравството, а со кои се подобруваат условите за здравствените работници, бидејќи задоволни здравствени работници значи и задоволни пациенти.

Истакнувајќи дека се скратени процедурите за вработувањата во јавните здравствени установи за да се овозможи полесно и побрзо пополнување на местата во здравството, премиерот Ковачевски потенцираше дека Владата ќе стори сè за да ги задржи кадрите тука. При тоа, премиерот ги посочи постигнувањата на Владата во ресорот здравство, како што се покачувањето на платите, обезбедувањето на неопходните лекови, усовршувањето на здравствените работници и капиталните проекти со кои се подобрени условите во здравството.

„Наш фокус е да создадеме модерно здравство, систем којшто ќе работи за доброто на граѓаните. Последниве неколку години, за прв пат после децении, се реновираа повеќе здравствени капацитети, и имаме скапа опрема за лекување во здравствените установи низ државата, а не само во Скопје. Нашите граѓани, заслужуваат врвно здравство, коешто се унапредува секојдневно и коешто ги зголемува своите капацитети за згрижување за сите граѓани на кои што им е потребна здравствена заштита“, порача премиерот Ковачевски, заблагодарувајќи се на министрите Меџити и Бесими, како и на здравствените работници за нивната посветена работа.

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, на прес-конференцијата истакна дека инвестирањето во здравствените работници е еден од најважните сегменти за иднината во јавното здравство.

„Со Одлука на Влада се отвора можност за вработување на неопределено време во јавните здравствени установи. Изминатиов период иако во време на криза, инвестициите во здравството се големи. Инвестираме не само во опрема и инфраструктура, инвестираме и во кадар, зголемување на платите, додатоците на здравствените работници. Со ваквите сериозни инвестиции во јавното здравје, помагаме да се зголеми квалитетот на услугата, да се олесни пристапот до здравствените услуги и се стремиме на нашите пациенти да им овозможиме европско здравство“, рече министерот Меџити, кој додаде дека ќе продолжат инвестициите во здравството.

„Оваа одлука е во насока на она што е јасен приоритет и на Владата, зајакнување на човечкиот капитал. Здравството, заедно со образованието и социјалната заштита се главните три компоненти за зајакнување на човечкиот капитал и сметам дека со оваа одлука по неколку напорни средби на повеќе институции успеавме заеднички да дојдеме до одлука што создава и ја задржува супстанцата на човечкиот капитал на здравствен и технички персонал со кој ќе може да ја изведат својата хумана функција кон граѓаните и граѓаните да добијат квалитетно здравство, имајќи го предвид трендот на демографските движења, особено на здравствените работници“, рече министерот Бесими.

Тој додаде дека оваа одлука, која претставуваше барање на секторот и приоритет на Владата е вклопена во рамки на Буџетот за наредната година, во кој, исто така, има за 50% повеќе средства за здравствена заштита во однос на 2019 и 2020 година.

„Постојано има раст на средствата за здравствениот сектор, но важно е тоа финансирање да го почувствуваат граѓаните кои обезбедуваат свое работно место, како и испорачување на квалитетни услуги од страна на здравствените работници“, порача министерот Бесими.


Обраќање на премиерот Ковачевски на прес-конференција за вработувања на неопределено време на приоритетен кадар во јавните здравствени установи
 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за здравство Фатмир Меџити и министерот за финансии, Фатмир Бесими одржа прес-конференција на која соопшти дека на денешната владина седница е донесена одлука за одобрување на вработување на неопределено време во јавните здравствени установи во земјата за вкупно 1.117 лица.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на премиерот Ковачевски: 

„Почитувани министри Бесими и Меџити,

Почитувани медиуми

Почитувани граѓани,

На денешната владина седница, донесовме одлука за одобрување на вработување на неопределено време во јавните здравствени установи во земјата за вкупно 1.117 лица. Се работи за работни места за кои здравствените установи имаат доставено податоци за вработување на приоритетен кадар.

Во оваа прилика би сакал да им се заблагодарам на министрите Меџити и Бесими, за нивната напорна работа и отворен дијалог со кој доаѓаме до решение кое придонесува во подобрувањето на целокупниот здравствен систем и услугата кон граѓаните. Како Влада покажавме дека заеднички и посветено работиме на подобрување на животот на граѓаните и посветуваме внимание на клучните теми.

Тие и подоцна ќе ја образложат одлуката секој од својот аспект, а во оваа прилика јас би сакал да потенцирам неколку работи.

Луѓето се нашата најголема предност, нашата најголема вредност. Тие имаат знаење, имаат капацитет, тие се вредни и токму затоа и одлуките како оваа денес ме прават исклучително задоволен.

Нашите доктори докажаа дека можат да изведуваат софистицирани  операции тука во нашата држава, од најсложени операции до трансплантации кои што во минатото ги немало. И затоа сите оние млади доктори кои што работат во моментов под договор ќе можат да го продолжат свое работење во јавните здравствени установи и да го надополнуваат својот, меѓутоа и здравствениот капацитет на државата. 

Овие одлуки се само континуитет на одлуките кои ги носиме во здравството, а со кои ја менуваме сликата и ги подобруваме условите за здравствените работници, бидејќи задоволни здравствени работници значи и задоволни пациенти.

Тука пред сѐ сакам да истакнам дека се скратија и процедурите за вработувањата во јавните здравствени установи за да овозможиме полесно и побрзо пополнување на местата испразнети со пензионирања или на здравствени работници кои си заминуваат од здравствените установи.

Ние сме свесни за ризикот за нови одливи во здравството, и затоа како и денес, правиме сè што е во наша моќ за да ги задржиме нашите кадри тука. Затоа и создаваме услови да се развиваат професионално и да ги усовршуваат своите знаења.

Ги зголемивме платите на здравствените работници и до 40% и создадовме услови за континуиран раст, а најновите покачувања се над 2.000 денари за персоналот. Покрај платите, со зголемувањето беа опфатени и надоместоците за дежурства кои се зголемија од 125% до 166%. Во Буџетот за 2024 година предвидени се средства за зголемени плати за сите вработени во јавното здравство согласно Општиот колективен договор.

Воедно, оваа Влада направи дополнителни работи кои претходно ги немаше. Со цел да обезбедиме услови за развој на здравствениот систем и здравствените работници, оваа Влада овозможи приватните специјализанти да се платени за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар. Дополнително, тие имаат платени дежурства и здравствено осигурување. 

Изминативе 6 години имаме двојно зголемување на одобрените супспецијализации и тие заклучно заклучно 2022 година се над 332 супспецијализации, а имаме и над 790 специјализации во нашиот мандат што сметам дека е одличен податок кој верувам само ќе се подобрува. За 2023 година има тековен конкурс и со истиот ќе имаме над 500 супспецијализации и над 1.000 специјализации.

Наш фокус е да создадеме модерно здравство, систем којшто ќе работи за доброто на граѓаните. Последниве неколку години, за прв пат после децении, се реновираа повеќе здравствени капацитети и имаме скапа опрема за лекување во здравствените установи низ државата, а не само во Скопје.

Ќе споменам само неколку важни подобрувања.

Одделот за ревматологија и кардиологија на Детска клиника е комплетно реновиран и доопремен. Отворен е нов Центар за црн дроб, реновирани се Клиниката за гастроентерохепатологија, Центарот за дијабетес и Одделот на Клиника за ендокринологија, реновирана е Токсикологија, како и на Одделот за педијатрија во Општа болница Гостивар.

Клиничката болница Тетово се здоби со нов ургентен центар за тријажа на пациенти по европски стандарди. И тоа за прв пат досега. Во истата болница се отвори и оддел за онкологија и е реновиран одделот за радиологија.

Се набавуваат нови 22 возила за потребите на Итната медицинска помош, кои се планира да се распределат во целата држава за да може да се обезбеди поефикасна здравствена заштита за пациентите.

Нашите граѓани, заслужуваат врвно здравство, коешто се унапредува секојдневно и коешто ги зголемува своите капацитети за згрижување за сите граѓани на кои што им е потребна здравствена заштита. 

Преку правилни политики и грижа за сите, го зголемивме буџетот за ретки болести од 9 на околу 15 милиони евра. Бевте сведоци на прес-конференција на министерот Меџити дека се обезбедени финансиски средства за лекот Трикафта, за корисниците кои што имаа потреба меѓутоа во минатото немаа достап до овој лек, многу кажуваат дека во соседството имало овозможено ваква услуга меѓутоа сега сите пациенти кажуваат дека нашата држава има најдобри услови за користење на овој лек споредено со било која држава во регионот. Тоа се однесува и на други болести кои што се третираат со посебни лекови.   

По повеќе од 15 години, листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија се ажурира и прочистува, а лековите кои се застарени се менуваат, а воедно е овозможено деблокирање на процесот на воведување на нови лекови.

Министерот веќе најави дека многу скоро ќе биде воведена и новата позитивна листа која што ќе биде претставена од страна на него пред граѓаните. 

Со ова би сакал да се заблагодарам до сите здравствени работници за нивната посветена работа, ние како Влада правиме и ќе продолжиме да правиме и понатаму сѐ што е потребно за да обезбедиме подобри услови за работа за вас, затоа што така граѓаните добиваат поквалитетно здравство.

Благодарност уште еднаш до министерот за здравство, до министерот за финансии што низ дијалог успеавме да најдеме решение за голем број на здравствени работници кои што веќе од утрешниот ден ќе можат да почнат да конкурираат во јавните здравствени установи, а се работи за 1.117 лица“.