Полицијата заплени 76 килограми висококвалитетна марихуана

Седумдесет и шест килограми висококвалитетна марихуана наменета за хрватскиот пазар запленила македонската полиција ноќеска во рамки на акцијата „Адриа“.

Дрогата, како што појасни министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, од Албанија по езерски пат била пренесена во Македонија од каде сокриена во гумите на товарно возило со босански таблици требало да стаса во Хрватска. Таа била спакувана во 90 пакувања со различна тежина.

- Во рамките на оваа оперативна обработка поднесени се кривични пријави за осум лица од кои тројца се македонски државјани, четворица босански и еден хрватски. Од нив шестмина се притворени, а двајца се во бегство, изјави министерката Јанкуловска. Во бегство се еден македонски државјавнин, како и хрватскиот државјанин.  

Вредноста на запленетата дрога се движи од околу 160.000 евра, односно, како што појасни министерката, во малопродажба би можело да достигне и цена од 300.000 евра. Доколку таа потоа би била транспортирана во земјите од ЕУ, нејзината цена на наркопазарите би била двојно поголема.

Директорот на Бирото за јавна безбедност Љупчо Тодоровски истакна дека дрогата е исклучително квалитетна.

- Во марихуаната не може да се забележат семки што говори дека оние што ја произведувале знаеле како да го направат тоа. Таа содржи и многу висок процент на ТХЦ, рече Тодоровски.

Полицијата во соработка со Мобилната единица на Царинската управа на РМ  дрогата ја открила ноќеска во контрола на товарно моторно возило „МАН“ со босански регистарски ознаки и приколка управувано од лицето Б.Е. (38), босански државјанин, на автопатот Скопје-Куманово, во близина на бензинската пумпа Дени -Шпед.

Босанскиот  државјанин Б.Е. кој имал улога на транспортер, марихуана ја превзел од Охрид, а требало да ја транспортира до Хрватска.

Кривични пријави, освен против против Б.Е. (38) се поднесени и против А.З.(40) македонски државјанин, Б.Ш.(42) хрватски државјанин, И.Х.(32)  босански државјанин, Ч.Р.(39) босански државјанин, С.Д.(53) македонски државјанин, Ј.Ѓ.(42) македонски државјанин поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“, кои во  во текот на денот ќе бидат изведени пред надележен Истражен судија за натамошна постапка.

Полицијата презема мерки за пронаоѓање на двете лица кои се во бегство.