Досегашниот претседател на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, по примопредавањето на претседателската функција на новоизбраниот претседател на преодната Влада, Талат Џафери, даде изјава за медиумите, заедно со премиерот Џафери.
Во продолжение е интегрален текст од изјавата на премиерот Ковачевски.
„Почитувани граѓани,
Почитувани претставници на медиумите,
Денеска го реализиравме примопредавањето на функцијата Претседател на Владата на Република Северна Македонија, согласно законските обврски за формирање техничка Влада, чија што основна задача е да организира и спроведе слободни, фер и демократски редовни претседателски и парламентарни избори.
На г-динот Талат Џафери му посакувам успешна работа како претседател на преодната Влада, како и на сите министри и заменици министри. Верувам дека Владата ќе остане цврсто посветена на граѓанските и на државните приоритети, согласно законските надлежности.
Новата Влада, во претстојните 100 дена, треба да организира двојни, претседателски и парламентарни избори. Истовремено, нашата држава, како и светот, сè уште е исправена пред многу предизвици.
Треба да се удвојат напорите и согласно законите да се одговори на тековните потреби на граѓаните и на обврските што следат. Сите започнати политики, базирани на солидарноста, грижата за сите, поддршката на животниот стандард и бизнисот, мора целосно и континуирано да продолжат и да се реализираат. Очекувам посветеност во работата и концентрацијата на сите во Владата, и во оваа насока сметам дека работата ќе биде на највисоко ниво
Апелирам, до сите политички субјекти, коишто од денеска партиципираат во Владата - да го имаат предвид целиот актуелен контекст. Барам и повикувам Владата и сите во неа, без разлика на партиската припадност да работат само во интерес на граѓаните, на економијата, на безбедноста и стабилноста, на вкупниот државен и граѓански интерес.
Владата успеа да воспостави систем кој функционира во време на криза и кој дава резултати. Политиките се поставени, мерките се јасни, тие се целосно во интерес на граѓаните и економијата. Очекувам сите да покажат јасна политичка волја, за да се продолжи и одржи економската и политичката стабилност и да се спроведат мирни, фер и демократски избори, како што доликува на држава членка на НАТО и држава со отпочнати преговори со Европската Унија.
Изминативе две години не беа воопшто лесни. Ова беа години на исклучително голема европска па и светска економска и енергетска криза, но и покрај кризата успеавме да направиме многу. И во оваа прилика сакам да се заблагодарам на членовите на Владата во мојот мандат за успешно завршената работа и успешното справување со предизвиците.
Во овие две години, никого не оставивме сам, се посветивме на економијата, на платите и пензиите, на поддршка на компаниите, на енергетскиот развој, на зголемување на вработеноста.
Уште во првиот месец преку отворен дијалог успеавме да направиме историски исчекор и веднаш да ја зголемиме минималната плата, но и да воспоставивме методологија за континуиран раст. Застанавме на страната на работниците и конечно системски го решивме тој проблем, еднаш засекогаш. Резултатите се видливи!
Просечната плата денес е над 630 евра, и ќе расте. Многу повеќе од ветувањето за 500 евра до 2023 година. И најважно, со воведеното системско решение, платите ќе продолжат да растат.
Пензиите исто системски ги решивме, а пензионерите ги заштитивме и покажавме почит кон нив, затоа што тоа и го заслужуваат. Минималната пензија е за 50% повисока од онаа во 2016, а пензионерите денес добиваат во просек по 6.000 денари повеќе. Во неизборна година ја донесовме методологијата за раст на пензиите и тој проблем е веќе решен. Дополнително, за пензионерите со пониски пензии, воведовме систем за поддршка. И ќе продолжиме со таа политика и понатаму!
Невработеноста континуирано се намалува, а вработеноста расте. Само во 2023 година имавме 10.000 нови вработувања.
Поддршката за домашните компании исто така континуирано расте, а странските директни инвестиции се удвоија и се на рекордно ниво од над 750 милиони евра во 2023.
Енергетската криза ја претворивме во можност. За многу кратко време ги ставивме во функција сите енергетски капацитети и го зголемивме домашно производство на електрична енергија во 2023 година. Во последните две години ја интензивиравме енергетската трансформација на земјата и денес имаме над 600 издадени лиценци, инсталиран капацитет од 600 МВ чиста енергија од обновливи извори за над 166 илјади домаќинства во земјата. Исклучително сум горд на овој факт кој претставува најголема енергетска трансформација во целиот регион споредено со капацитетот претходно.
Исто така, ја вративме евтината тарифа на електрична енергија од 13 до 15 часот со што домаќинствата заштедуваат 1.000 денари месечно.
Со антикризните мерки успеавме да го заштитиме стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите. Прво со 760 милиони евра и сега последно со 662 милиони евра. Над 2 милијарди евра само во изминатите 3 години се насочија кон граѓаните и компаниите. Како никогаш досега се спроведува вака висока финансиска поддршка од државата, а толку вратени финансиски средства кај граѓаните и кај стопанството никогаш немало досега.
Во делот на инфраструктурата, како врвен приоритет почнавме со изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10Д. Земјава нема веќе да е обиколница, туку развиена раскрсница на Балканот, како што доликува на држава која се наоѓа во самото срце на Балканскиот Полуостров.
Во земјоделството направивме важни чекори и го стабилизиравме и рекордно го зголемивме домашното производство на храна. Го сменивме и системот на субвенционирање и сега земјоделците добиваат авансна исплата на субвенциите која веќе им е исплатен на крајот на 2023 година за 2024 година. Ние сме во моментов прва земја корисничка на ИПАРД која ја има започнато ИПАРД 3 програмата со зголемени средства за модернизација и развој на земјоделството. Тоа е огромен успех и показател дека напорната и посветена работа во интерес на граѓаните носи резултати.
Го направивме и најголемиот пробив во евроинтеграциите. По 17 години чекање, ги отпочнавме преговорите со Европската Унија. И тоа го направивме со заштитен и потврден македонски јазик и идентитет. Го започнавме и успешно го завршивме скринингот. Го потпишавме и договорот за ФРОНТЕКС со кој и дејуре потврдивме дека македонскиот јазик е заштитен и е официјален јазик во Унијата, и сега кога преговараме, и најважно кога ќе бидеме полноправна членка. Во овој контекст, ги зацврстивме стратешките партнерства со САД, со Велика Британија и со Европската Унија. Денес сме буквално пред вратите на ЕУ и само од нас дома, зависи реализацијата на полноправното членство во Европската Унија, во следните неколку години.
По нашето убедување, со досегашната и идна работа, во 2030 година Северна Македонија треба да стане земја членка на ЕУ.
Сето ова следува по остварената повеќедецениската стратешка цел, членството во НАТО со која обезбедивме мир стабилност и сигурна иднина за нашите деца. Денес сме препознаени како фактор на стабилност во регионот.
Проевропската владина коалиција, на којашто се темели и новата Влада, покажа и докажа дека има и политичка волја и човечки капацитети да одговори на сите предизвици и одговорности. Воедно, покажавме политичка зрелост и докажавме коалициски капацитети, коишто се неопходни за една влада да биде стабилна и функционална. Организиравме и неколку изборни циклуси, оценети - и дома и од меѓународната заедница, како слободни, фер и демократски. И знам дека така ќе биде и на претстојните избори.
Искуството ни покажа дека обединети, можеме да го изодиме правиот и вистинскиот пат и да се постигнат сите цели базирани на вредности и принципи.
Денес е друго време. Денес не е време на поделби, туку време на заедништво. Денес е подобро време.
Време во кое дебатираме, време во кое се слушаат аргументите, време во кое заробеното минато е историја.
Денес е време кога никој не треба да шепоти и никој не мора да се крие за да го каже своето мислење. Тоа заврши во 2016 година.
Сега е време во кое се зависи од нас самите дома, бидејќи обезбедивме многу сојузници и многу пријатели и во регионот и во светот.
Денес е време за оптимизам, за верба и самодоверба.
Денес е време за меѓусебна поддршка, за заедничка работа, за државен договор не за дали, туку за тоа како и колку брзо ќе се движиме кон Европската Унија.
Европската коалиција и во оваа Влада ќе биде столб на европската сегашност и на европската иднина на сите граѓани. Во тоа име и дадовме рака и бараме поддршка од сите прогресивни сили за да се продолжи на тој пат!
За да биде подобро за сите, да биде подобро пред се за младите и за идните генерации! А ќе успееме сите како држава, бидете сигурни во тоа!
Имаме знаење, имаме енергија, имаме разбирање, имаме пријатели, имаме соработка и имаме решенија!
Ви благодарам за досегашната доверба! Да се заблагодарам за напорната работа на членовите на мојот кабинет, да се заблагодарам на вас медиумите за разбирањето, за коректната соработка која ја имавме во текот на овие изминати 2 години и скоро 1 месец. И да посакам многу среќа и успех и успешна работа.
Сакам на новиот претседател на Владата на Талат Џафери и сите членови на неговиот кабинет, да им посакам успешна работа, успешно справување со предизвиците а јас ќе продолжам да се борам за европска Македонија, за вистинска европска држава која ќе биде европски дом за сите граѓани на Република Северна Македонија!“