Пуштен во употреба реновираниот објект на Криминалистичката полиција

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска заедно со вицепремиерот на Владата на Република Турција, Бекир Боздаг денеска во полициската станица Кисела Вода го предаде во употреба реновираниот објект на Криминалистичката полиција - Единица за истрага на место и вештачење.

На настанот беа присутни и претставници на донатортот-Турска агенција за соработка и координација (ТИКА) која го изврши целосно реновирање, инвестиција вредна 80.000 евра.

- Реконструкцијата беше остварена со несебична поддршка од турската Влада која е наш партнер во многу области, вклучително и безбедноста. На македонската јавност и е добро познато дека најголем дел од полициските акции која станува збор за борбата против недозволена трговија со дрога се реализирани токму во соработка со турската полиција, истакна Јанкулоска по пуштањето во употреба на објектот.

Токму таа нивна отвореност и помошта која ни ја даваат во реализација на заедничките проекти, нагласи, придонесува пред се за зголемување на квалитетот на работа на МВР, но и за јакнење на партнерството кога стануваз збор за заеднички цели.

- Во оваа прилика сакам уште еднаш да се заблагодарам за несебичната поддршка и помош од Турција и можам да потврдам дека во периодот што следува оваа поддршка ќе продолжи и натаму, додаде Јанкулоска.

Вицепремиерот Боздаг потенцираше дека Македонија и Турција се пријателски земји, а соработката во повеќе области постојано се надоградува.

- Многу е значајно соработката во идниот период да се зацврстува и да трае. Сакам да напоменам дека нашата соработка и поддршка во правец на реализирањето на потребите на македонската Влада ќе траат и понатаму, рече Боздаг.

Криминалните лаборатории, нагласи, односно зачувувањето на доказите од лице место на настанот се најважниот елемент за докажувањето на кривичните дела. Според него, објектот ќе биде значаен придонес во борбата против криминалот и извршителите на кривичните дела.