Џафери: Сеќавањата од Холокаустот ги чуваме од заборав, за никогаш да не се повтори едно од најголемите зла на човештвото

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, се обрати на одбележувањето на 81 година од Холокаустот на македонските Евреи, на локацијата на поранешен скопски Монопол, каде за време на Втората светска војна, започнала депортацијата на македонските Евреи во нацистичкиот логор во Треблинка.

Воедно, владината делегација, предводена од премиерот Џафери, оддаде почит и положи цвеќе пред Споменикот на 7144 депортирани македонски Евреи.

Овој настан во Скопје е дел од тридневната Комеморативна програма 1943-2024, во организација на Еврејската заедница во државава и на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, што се реализира под слоганот „Сеќавање- 11 Март, Холокаустот на македонските Евреи“ и на истиот, покрај претставниците од еврејската заедница, присуствуваа и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, претставници на Собранието и Владата на Република Северна Македонија, како и претставници на дипломатскиот кор во земјава.


Обраќање, ПВРСМ, Талат Џафери на Одбележувањето на 81 година од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка

 

„Почитуван претседател на Републиката, Стево Пендаровски,

Почитуван потпретседател на Собранието, Горан Мисовски, 

Почитувани претставници од Владата, 

Почитуван претседател на Еврејската заедница, Пепо Леви,

Почитувана амбасадорка на Државата Израел, Ваша Екселенцијо Симона Франкел,

Почитувани претставници на дипломатскиот кор,

Почитувани медиуми, 

Дами и господа,

Денешниот датум е врежан во колективната меморија со тага, горчина и огромна болка предизвикани од депортацијата на Евреите од нашата држава, во нацистичкиот логор во Треблинка, за време на фашистичката окупација во Втората светска војна.

Ова место, од каде почнува депортацијата на 7144 деца, жени и мажи Евреи од денешна Северна Македонија, кои се меѓу 6-те милиони Евреи злосторнички убиени во нацистичките логори низ светот, одбележано е со црвено на историската мапа.

Но, ние, денеска и тука не сме за да отвораме рани од мачното и мрачно минато, туку, за да испратиме силна и недвосмислена порака – дека, сеќавањата за Холокаустот ги чуваме од заборав – за никогаш повеќе да не се повтори едно од најголемите зла на човештвото.

Како генерации на денешнината, должни сме да отвораме надеж, во името на сите положени животи, на сегашните генерации, и најмногу, во името на светлата иднина - за идните генерации.

Обврска на сите е да градиме свет во мир, во којшто сите граѓани имаат еднакво право да живеат во слобода.

Тоа е можно, само ако градиме заеднички свет на рамноправни народи и држави, независно дали се големи или мали, развиени или во развој, чијшто глас еднакво се слуша и се вреднува во глобалниот поредок.

Дека тоа се чини тешко и невозможно, гледаме секојдневно од актуелниот безбедносен контекст во светски рамки. Кога никој не помислуваше дека и во овој, 21-ви век на напредок и развој на човештвото е можна нова војна со оружје, сепак, тоа е реалност која од ден на ден оди во нагорна линија. 

Но, не смееме да се откажеме од барање и наоѓање на начини за мирно решавање на ситуациите, на маса, со дијалог на дипломатските маси. Без оглед колку и да се чини тоа невозможно, сепак е единствениот разумен и цивилизиран начин. За да можеме сите да продолжиме да чекориме напред, затоа што тоа е единствениот прифатлив пат. Минатото е корисно само како поука, а не и како повторување. А тоа покажува дека назад не е пат, туку деструкција.    

Затоа денес, се придружуваме на гласното НЕ на демократскиот свет на којшто припаѓаме, НЕ за какви било облици на нетолеранција, антисемитизам, фашизам. НЕ, на сите современи форми на агресија, преку исклучување и говор на омраза, поттикнати од национални, етнички, верски или други побуди на расизам, омаловажување, ксенофобија и дискриминација.

Мораме да бидеме гласни, затоа што само гласноста против неправдите во минатото и денес, определува во каков свет ќе живееме и ние и нашите деца понатаму. Ја определува нашата заедничка иднина во мир и толеранција.

Република Северна Македонија, секогаш била на вистинската страна на историјата. И денес сме рамо до рамо со нашите партнери во НАТО и со државите членки на Европската Унија, во напорите да се сочува и обнови мирот во завојуваните делови од светот и на европскиот континент.

Се покажавме како успешна, мултиетничка, функционална демократија. Дадовме пример на регионот, Европа и светот дека различностите се предност, а не пречка. И, денес сме потребни, како успешен модел за одржување и унапредување на еднаквоста, мирот и стабилноста во Европа и во светот.

Тоа е нашата сила за продолжување со демократскиот развој, сѐ до полноправното членство во Европската Унија, каде што припаѓаме, затоа што, ние веќе практикуваме европски вредности. Градиме едно општество за сите, со еднакви права и одговорности за сите граѓани.

Во оваа насока, сакам да ја потенцирам конструктивната улога на еврејската заедница во изградбата на современа и европска Република Северна Македонија и да се заблагодарам за нивниот придонес.

Како Влада и како држава, ќе продолжиме да ја штитиме и унапредуваме богатата еврејска традиција и култура, рамноправно со традициите и културите на сите други народи. И тоа, верувам дека многу скоро ќе се потврди и со формалното вклучување и на Евреите, во Уставот на Република Северна Македонија.

Како Еврејска заедница, ве охрабрувам да бидете и понатаму рамноправен партнер, во сите стратешки чекори, кон заедничкото добро, во нашата родна земја.

Вечна почит кон загубените животи и да не се повтори ужасното зло, никому и никогаш!

Благодарам за вниманието.“