Пуштена во употреба спортската сала во средното училиште „Киро Бурназ“ во Куманово

По една и пол година изградба, денеска беше пуштена во употреба спортската сала во средното училиште „Киро Бурназ“ во Куманово, за која Владата инвестираше околу 650.000 евра. Таа е дел од проектот „145 училишни спортски сали“ кој го спроведува Министерството за образование и наука.

Салата ќе ја користат 768-те ученици, но и спортисти од клубови кои активно тренираат. Изградена е по современи стандарди за енергетска ефикасност, има трибина со 400 седишта, реквизити за различни видови спортови,  како и гардероби, туш-кабини, санитарни јазли и простории за опремата.

- Отсега средношколците и спортистите ќе имаат нормално и модерно место каде да тренираат и да се реакреираат. Нема повеќе импровизација, нема повеќе малтретирање на учениците на часовите по физичко образование. Училиштето има нова спортска сала, со најсовремена спортска опрема, оспособена за повеќе видови спортови, истакна премиерот Никола Груевски, кој свечено го отвори новиот објект во кумановската населба Долно Коњаре. Салата засега нема име, но Груевски навести дека можеби ќе биде именувана по Драган Богдановски, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ кој потекнува од кумановскиот крај.

Тој  истакна дека намерата на Владата е Куманово да стане познат спортски центар и затоа, рече тој, во регионот две сали се веќе изградени (во СОУ „Киро Бурназ“ и салата „Панко Брашнаров“), а уште три се во план (во средното „Перо Наков“ и во основните училишта „Јероним Де Рада“ во село Черкезе и „Св Кирил и Методиј“ во село Романовце). Салата во средното „Гоце Делчев“ е доопремена со спортски реквизити, а планирани се и две тениски и неколку мултифункционални игралишта.

Министерот за образование и наука Панче Кралев информираше дека од проектот „145 училишни спортски сали“, завршени се 21, во изградба се 33. До крајот  на 2014, рече Кралев, ќе бидат завршени 30 сали во средните и 70 во основните училишта.

- Преку имплементација на овој проект, Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука се стреми да придонесе за искоренување на лошите навики, поттикнувајќи ги младите да се занимаваат со спорт, со што ќе се стимулира не само правилниот раст и развој во однос на намалени деформитети предизвикани од неправилно седење и физичка неактивност, туку и подобра концентрација и натпреварувачки дух, како и амбициозност на младите, рече Кралев.

Премиерот и ресорниот министер најавија и реконструкција на 11 основни училишта во Кумановско, што треба да се реализира за неполни две години.