Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски во интервју за Ал Џезира говорејќи за внесувањето на Бугарите во Уставот истакна дека ставот на Владата по ова прашање е јасен и непроменет и дека во таа насока треба да се даде одговор на две прашања, односно која е причината за внесување на Бугарите во Уставот и што добиваме ние како држава од тоа.
Еве првото прашање има едно потпрашање. Велиме, во ред еве, дали нечии права човекови се забранети или се ограничени затоа што не се дел од Преамбулата на нашиот македонски Устав. Тогаш се поставува дилемата, во ред може да е тоа така, но која европска институција е задолжена да суди дали нечии човекови права се ограничени или нарушени. Тоа е Судот за човекови права во Стразбур. Ако ги видиме одлуките на овој суд поврзани со човековите права во регионот ќе дојдеме до заклучок дека 14 пресуди доаѓаат од оваа европска релевантна институција за македонската заедница во Бугарија дека нема право, односно дека нивните човекови права или се ограничени или се нарушени и нула за бугарската заедница во Македонија. Четиринаесет со нула, значи не е тоа причината. Ајде тогаш да видиме што е причината и што добиваме ние. Дали некој нас ако ова го направиме ни гарантира дека ова е последното коешто треба да го направиме, бидејќи гаранции дека ова е последното слушаме уште од раните деведесетти од минатиот век кога променивме име, променивме знаме, променивме банкноти, територијални распределби, имавме воен конфликт, неколку пати менувавме Устав и секогаш пораката од Брисел беше, само уште ова и вие сте најдобрите во одделението и вие сте тие коишто ќе бидете први, но за жал сите поминаа, а ние се уште останавме во ходник да чекаме вратата да ни ја отворат, да седнеме и да преговараме, потенцираше Мицкоски и додаде дека ваквата политика мора да престане и дека тој лично во политиката не е за да се збогати туку за да остави историска трага преку штитење на интересите на македонскиот народ.
Оваа политика мора да престане и ние мораме еднаш засекогаш да не се грижиме за нашите лични интереси како политичари и да речеме аха, сега јас сум премиер, министер или директор, дојдоа моите 5 минути и ајде сега од голтар ќе станувам милионер. Мојот пристап е поинаков. Јас не влегувам во политиката за да се наплатам, туку влегувам во политиката да оставам историска трага. Што значи таа историска трага? Да ги штитам интересите на мојот народ и на мојата татковина.
Мицкоски потенцираше дека македонскиот народ направил сѐ како ниту еден друг народ и дека сега е ред на Европа да направи нешто за возврат, а декемврискиот состанок на Европскиот Совет беше доказ дека кога се сака се може.
Ние како народ направивме сѐ, како ниту еден народ што направил во Европа, којшто доаѓа од земјите коишто порано беа дел од Варшавскиот пакт, како ниту еден народ што направил. Сега треба Европа да направи нешто за нас и тоа го видовме дека кога сака се може, уште на декемврискиот состанок на Европскиот Совет кога немаше консензус околу едно клучно геостратешко прашање и кога правилото на еден глас беше заменето со правилото на минус еден човек во просторијата истакна Мицкоски и додаде дека решението кое го нуди Владата е одложена примена на тоа што преставува услов, односно на уставните измени:
Ако навистина постои желба во Брисел да ја види нашата држава, да ги види граѓаните да бидат дел од Европското семејство тогаш има начин како тоа да се реши и ние решението го понудивме и тоа е одложна примена на тоа коешто преставува услов. Ние можеме тој процес да го започнеме, да го завршиме, но да важи тогаш кога ќе почне ратификацијата на пристапниот протокол во рамките на парламентите на 27-те земји членки. Простете, но ние доволно направивме. Сега треба вие да покажете малку комитмент, односно да вие направите нешто за овој, би рекол, еден од најмалобројните народи во Европа, а тој е македонскиот народ и граѓаните.