Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денеска присуствуваше на поставување на камен темелник за изградба на нова детска градинка во населено место Трубарево, во Општина Гази Баба каде одговарајќи на новинарско прашање за критиките на опозицијата дека ребалансот на буџетот не е развоен, истакна дека сегашната опозиција мисли дека што повеќе измислува и критикува ќе остави поголем впечаток кај граѓаните, но вистината е дека оставија буџет без 5 милијарди денари за пензионерите и 3,7 милијарди денари за земјоделците.
„Тие се будат сабајле, го започнуваат денот и мислат што да измислат. Наша задача е да работиме за граѓаните и за државата како Влада. Имаме различни цели. Нивната цел е да измислуваат и да критикуваат, по можност колку повеќе критикуваат и измислуваат, толку мислат дека оставаат поголем впечаток кај граѓаните, а наша цел е колку повеќе вакви проекти да сработиме. Ние ќе си ја тераме нашата работа, а тие нека си ја тераат нивната. До година има локални избори и граѓаните ќе кажат на избори која за што е. Дали ова тие што го кажуваат или ова ние што го работиме“, потенцираше Мицкоски.
Тој исто така додаде дека тие што сега критикуваат оставија буџет без 5 милијарди денари за пензионерите и 3,7 милијарди денари за земјоделците.
„Што се однесува до критиката што вие ја споменавте, само ќе напоменам дека оставија буџет без 5 милијарди денари редовни за пензионерите. Пет милијарди денари им немаше. Зошто? Затоа што шверцерски исплатиле една пензија во фискална година за претходната фискална година. Јануари за декември. Еве тоа е реалноста, само тоа ќе ви кажам. Пет милијарди денари заборавиле некако, не знам како. Бидејќи велат дека има пари, еве нека дојдат да им покажам и емпириски да видат како заборавиле 5 милијарди денари за пензионерите. Постоеше можност да нема за пензионерите пензии, потенцираше Мицкоски и додаде:
„Понатаму заборавиле 3,7 милијарди денари за земјоделците, не знам како, еве прашајте ги нив нека ви кажат. Ги нема, па моравме ние да ги наоѓаме. Сега милијарда и 700, па до година уште две милијарди итн. Заборавиле, да речеме некаде околу половина милијарда за плати за национални шуми, а нели и конкурси објавуваа ако се сеќавате пред избори. Конкурси објавуваа, а заборавиле пола милијарда евра да им помогнат бидејќи луѓето 4 месеци плата не земале и сега нема кој да помага во гасењето на пожарите“.