Заедно се боревме во Илинден и заедно ќе ја изградиме новата и силна заедничка татковина, порача денеска пред присутните граѓани на Мечкин Камен Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека силата е во различностите и во единството, потенцирајќи дека сите ние сме дел од една поголема цел – Македонија!
Нашата сила е во нашата различност и нашето единство. Само заедно можеме да изградиме општество во кое секој ќе се чувствува рамноправен и ценет. Илинден е нашиот заеднички светилник во темнината. Илинден е нашата заедничка инспирација и нашиот најголем потсетник дека секоја генерација има своја борба. Како што нашите предци се бореа за слобода и правда, така и ние денес заедно се бориме за нашите идеали, рече тој и додаде:
Ова е нашата заклетва дека никогаш нема да се откажеме, дека секогаш ќе се бориме за нашата татковина, за нашите деца и за нашата иднина. Нашата сила е во нашето единство и заедништво. Без разлика на различностите, сите ние сме дел од една поголема цел.
Премиерот Мицкоски упати повик за солидарност за да изградиме посилна држава на еднакви граѓани.
Ова е повик за солидарност за да изградиме посилна држава на еднакви граѓани. Во оваа смисла, од тука, на славниот Мечкин камен повикувам на единство и со нашите политички противници. Да ја имаме пред нас големата слика на развиена и европска држава. Држава која е обединета независно од нашите политички разлики. Да зборуваме во еден глас. Да се бориме заедно и да освојуваме големи врвови и да победуваме заедно! Борбата трае е повеќе од слоган. Со оваа порака ние го славиме Илинден и се потсетуваме на нашата одговорност да ја продолжиме борбата за подобра и поправедна земја, порача премиерот Мицкоски.