Мицкоски: Неодговорното однесување на ДУИ преставува закана за мирот и стабилноста, а суштината на тоа однесување е да се заштити капиталот стекнат во 20 години власт

Со ова неодговорно однесување, ДУИ ја загрозува интеретничката слика во државата и претставува закана по мирот и стабилноста на Македонија како држава. И, ние ќе ги преземеме сите неопходни мерки како Влада, за да го заштитиме суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија како држава. Но, во суштина, овие пораки се обид грчевито да се брани богатството стекнато изминативе 20 години на власт. И тоа е факт, затоа што демократијата подразбира тој што има мнозинство во парламент да има и влада, вака претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски во интервју за Фокус ги коментираше иницијативите на ДУИ за принципот „победник со победник“ да влезе во правниот систем и за територијална реорганизација според белгиски модел.

Мицкоски додаде дека суштината на ваквите потези е да се одбрани капиталот стекнат во изминативе 20 години на власт, но не се исклучува и можноста некои групи да бидат несвесно изманипулирани и да го предизвикаат територијалниот интегритет и суверенитет.

„Па видете, суштината е да се одбрани капиталот стекнат во овие 22 години на политичка сцена и 20 години власт. Но, не ја исклучувам можноста одредени групи и структури да бидат изманипулирани, несвесно. И сега тие групи и структури може да го предизвикаат територијалниот интегритет и суверенитет, да создадат криза. Ние имаме задача како Влада тоа да го браниме и да се одбраниме“, подвлече Мицкоски.

На прашање за тоа дали се очекуваат протести за овие прашања Мицкоски одговори дека има такви информации, но ако истите се мирни и демократски, тие се легитимни.

„Се уште ги имам тие информации. Јас говорам за протести. Се додека се демократски и мирни, тие се легитимни. Ако преминат во насилни, тогаш, повторно ќе кажам, како Влада имаме право да го браниме територијалниот интегритет и суверенитет на државата“, потенцираше Мицкоски.

Запрашан за тоа што мисли за принципот „победник со победник“, Мицкоски истакна дека демократијата не оди заедно со овој принцип бидејќи коалиционите партнери од минатата власт беа делегитимирани на избори и во име на парламентарната демократија поразените треба да одат во опозиција.

„Начинот на кој функционира демократијата не оди заедно со „победник со победник“, зашто во политиката не може малку со едните, малку со другите. Ние имаме дијаметрално различни платформи. Не може 7 години да бидете во влада со СДСМ и да речете – тоа веќе не важи и сега ќе одам со ВМРО-ДПМНЕ. Тоа така не може! Вие сте го избрале вашиот коалициски партнер и врз основа на програма сте функционирале, без разлика каква била таа. Таа била владина програма, таа влада е поразена, делегитимирана и тука завршува целокупниот процес. ДУИ со коалицијата и СДСМ заедно освоија помалку од 300 илјади гласови. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија близу 450 илјади гласови, а заедно со ВЛЕН и ЗНАМ повеќе од 600 илјади, рече тој и додаде:

Јасна е волјата на народот. Во таква нова политичка реалност, во име на парламентарната демократија поразените треба да одат во опозиција, а победникот ја создава структурата на идната влада“, нагласи Мицкоски.