Дурмиши: Сто дена целосно посветени на поддршка на бизнисот и заштита на стандардот на граѓаните

Почитувани претставници на медиумите
Почитувани граѓани

Денес, со огромно задоволство ја презентираме нашата работа и достигнувањата во текот на 100-те дена раководство со Министерството за економија и труд. Ова се денови кога со најголема динамика и ангажман успеавме да донесеме подобра благосостојба за граѓаните и максимална грижа за нив. Нашите политики не се зборови, туку се работа и континуиран успех каде во овој период на работа заедно со мојот тим успеавме да го издигнеме Министерството на подобро ниво. Денес нашата институција е покрај граѓаните, излегувајќи им во пресрет во вистинските моменти. Денес имаме добри резултати бидејќи го одржавме ветувањето што го дадовме на почетокот!
Тука сме со појасна визија, поголемо внимание кон граѓаните и помалку трошоци за нив. Ова не е кампања, туку начин на работа за која јас работам како министер за економија и труд!
Сакам да истакнам дека 100 дена на работата што ние ја претставуваме не е се што сме направиле, но ги претставуваме клучните постигнувања на нашето Министерство. 
Министерството за економија и труд во изминатите 100 дена, беше посветено на поддршката на бизнисите и домаќинствата, во заштитата на животниот стандард на граѓаните. 
Ние сме работеле со посветеност овие 100 изминати денови во интерес на подобрувањето на деловната клима за компаниите и за намалувањето на трошоците за граѓаните.
Во услови на зголемени цени на храната, за да им излеземе во пресрет на граѓаните започнавме една акција, за која што можеме да сведочиме дека е поздравена позитивно од страна на граѓаните, а тоа е „Помалку трошоци – повеќе за тебе“.
Прво, ги намаливме маржите на трговија на големо и трговија на мало на училишниот прибор, со што се намалија трошоците за домаќинствата, посебно за оние кои имаат ученици.
Потоа со цел да им излеземе во пресрет на граѓаните ја објавивме Есенската потрошувачка кошница и ги ограничивме маржите на 10% и во трговијата на големо и во трговијата на мало на 73 основни прехранбени производи, нешто што е многу важно за сите домаќинства.
Оваа мерка ќе продолжи и во наредниот период како божиќна кошница, рамазанска кошница, велигденска кошница, се со цел да им излеземе во пресрет ан граѓаните пред празниците кога има зголемување на цените на основните прехранбени производи.
Првичните анализи од терен, кажуваат дека цените на производите од есенската кошничка се намалиле во просек од 5% до 10%, при што кај некои производи намалувањето на цените е помало, или воопшто и го нема (како на пр. лебот, маслото за јадење и млекото), додека кај други производи истото е значително поголемо (на пр. месо, зеленчук и млечни производи (сирење и кашкавал).  
Се очекува намалувањето на цените да биде уште поголемо имајќи го во предвид и намалувањето на цените во трговијата на големо, кое допрва треба да се случи во наредните пратки, при достава на производите во маркетите. 
Искажано во заштеда во пари за едно четворочлено семејство, на месечно ниво заштедата би изнесувала од 690 ден до 1360 ден по семејство, во зависност од начинот на исхрана, како и од изборот на маркети каде што се набавува истата. 
Во оваа насока е важно да се каже дека стапи на сила и Законот за нефер трговски практики со кој се ограничуваат рабатот и дополнителните трошоци за над 2500 прехранбени производи, од што очекуваме дополнително намалување на цените на храната до крајот на овој месец.
Покажуваме на дело дека се грижиме за граѓаните
Од почетокот на мојот мандат континуирано носевме одлуки за поддршка на бизнисот и на граѓаните.

Ова се дел од достигнувањата кои ги презентираме денес. Работа која има за цел грижата за граѓаните.
Во делот на поддршката на туризмот и на работниците со ниски приходи беа доделени 1777 ваучери за туризам во вредност од 32 милиони денари за работниците со ниски приходи да можат да летуваат во некои од нашите туристички центри. Со оваа мерка не само што даваме поддршка на домашните угостителски капацитети, туку им овозможуваме на работниците со ниски приходи и на нивните семејства одмор во домашните туристички места.
Во областа на бизнисот, Министерството за економија и труд обезбеди финансиска поддршка за локалните компании во износ од над 120 милиони денари.

Преку програмата за поддршка на конкурентноста на преработувачката индустрија и општествената одговорност за 2024 година, во висина од 32 милиони денари, објавени се јавни повици за:
- поддршка на развојот, одржувањето и имплементирањето на општествено прифатливи практики на деловните субјекти
- поддршка за зголемување на конкурентноста на деловните субјекти од преработувачка индустрија 
– развој на деловните субјекти, развој на производите и развој на пазарот за надоместување на дел од трошоците на лабораториите 
Од Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на мали и средни претпријатија за 2024 година обезбедени се 80.000.000 денари за поддршка на бизнисот, а објавени се пет јавни повици: 
- надомест на дел од трошоците за сертификација на ХАЛАЛ системот на мали и средни претпријатија

- надомест на дел од трошоците за сертификација на системи кои се во согласност со ИСО стандардите на мали и средни претпријатија
- за субвенционирање на занаетчиите,
-за поддршка на малите и средни претпријатија за набавка на машини со цел да се зголеми нивната конкурентност 
-за кофинансирање проекти на граѓански здруженија, стопански комори, занаетчиски комори и мрежи на бизнис ангели 

Дел од јавните повици се уште се во тек и досега се стигнати 257 апликации по сите јавни повици и ги повикувам домашните компании да аплицираат и да добијат поддршка од Министерството за економија и труд.
Работиме на подобрување на условите на странските инвеститори. Министерството за економија и труд ја предаде употребната дозвола за фабриката на германската компанија КИЕЛ во индустриската зона во Тетово. Инвестиција која ќе отвори над 300 работни места во полошкиот регион.
Работиме на измена на Законот за финансиска поддршка на инвестициите со кои  ќе се подобрат условите за работа и на домашните и на странските инвеститори. Сите одлуки и мерки ги носиме во консултација со бизнис секторот и со синдикатите. За многу кратко време очекувам да се одржи првата седница на Економскиот социјалниот совет каде што ќе се разгледаат сите отворени прашања и од страна на работодавачите и од страна на Синдикатите, се со цел подобрување на животниот стандард на граѓаните во Северна Македонија.
Не чека уште многу работа и ангажман за да ја подобриме домашната економија. На добар пат сме да постигнеме уште многу одлични постигнувања како резултат на работата и ефикасните решенија што ги нудиме. Исто така, многу сме свесни за патот што не очекува во текот на мандатот, но убеден сум дека ќе го донесеме најдоброто како што сме докажале досега!
Министерството за економија и труд е тука за работа, не само 8 часа на ден, туку во текот на целиот 4-годишен мандат!